
КСП Центар Јадро во јуни подготвува разновидна културна програма со концерти, изложби, книжевни настани, предавања, филмски проекции и работилници. Меѓу позначајните настани е концертот на Џез хорот „Артизан“ на 1 јуни, како и промоцијата на книгата „Женска работа: Современиот вез во земјите од поранешна Југославија“ проследена со изложба на дела од македонски автори на 4 јуни.
Во рамки на програмата ќе гостува и уругвајско-американската кореографка Лусијана Ачугар со предавање и танцова работилница посветени на нејзиниот проект „The Pleasure Practice“. Љубителите на литературата ќе можат да учествуваат на читачка средба за книгата „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл, додека за медиумските професионалци е најавена презентација на регионален труд за медиумското известување за соочувањето со минатото на Западен Балкан.
Од 11 до 13 јуни ќе се одржи летното издание на „Маалски фестивал 5.0“, а во текот на месецот посетителите ќе можат да ја погледнат и изложбата „Пркосните 12“, филмската проекција на документарецот „Андреј“ во рамки на Скопје Прајд 2026 и самостојната изложба „Архив на траги: од уметност до умешност“ на Аммар Качар.

Македонски


