
Деновиве претставата Театар на сенки „Кокиченце девојченце“, се одигра за првоодделенци ООУ „Григор Прличев“ а во НУ Библиотека „Григор Пличев“ во рамки на програмата „Културата расте со децата“ на Општина Охрид.

Содржината на претставата е едукативна. Присутни се поучни елементи и моменти од кои детето ќе стекнува претстава за вистинските вредности и ќе гради позитивни ставови кон себе, но и кон другите и околното опкружување.

Во театарската претстава со сенки, кокичето има голема и речиси неостварлива желба да се претвори во вистинско девојче. После сите перипетии и помошта која ја добива од другарите и пријателите кои случајно ги сретнува и запознава, кокичето успева да стане девојче, но ништо не е така лесно и едноставно како што навидум се чини. Кокичето научува дека сите желби, колку и да се привлечни и восхитувачки на прв поглед, не се толку корисни и убави во реалноста. Помеѓу другарите и случајните пријатели, во текот на приказната која го следи животот на кокичето, се среќаваат исплашената срна, премудриот еж, чудното добро чудовиште и девојчето Мила кое станува најдобрата другарка на Кокиче. Волшебната Пролет, која ја има клучната улога во приказната, ги разрешува проблематичните ситуации и со неа се поистоветува улогата на родителите кои се катализатори на желбите на децата, но секогаш би требало да бидат насочувачи и поддржувачи на она што е убаво и корисно за децата. За реализација на театарот на сенки беа користени материјали од публикацијата Од приказна до драматизација и театар на сенки „Кокиченце девојченце“од д-р Лили Бошевска која беше автор и уметнички реализатор на театарот на сенки.

Македонски


