Skip to main content

Николоски: На Коридорот 8 реализираме сериозни ифраструктурни проекти, очекувам иста посветеност и од Бугарија и Албанија

Изградбата на патниот и железничкиот дел од Коридорот 8 ќе чини околу 5 милијарди евра, проектите за железничкото и за автопатското повзрување кај нас се одвиваат добро и се надевам дека со иста одговорност ќе работат и нашите соседи Албанија и Бугарија, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред состанокот за активностите и плановите за проектите на Коридорот 8, кој се одржува во соработка со претставници на Делегацијата на Европската унија во Скопје.

На состанокот се разговара за развојот на Коридорот 8, којшто, потенцираше Николоски, НАТО го прогласи за втор најзначаен безбедносен коридор. Учествуваат партнерите во проектите на Коридор 8, претставници на Европската унија, Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за Обнова и Развој, како кредитори на прокетите, Владата, Јавното претпријатие за државни патишта, МЖ Инфраструктура, Железници Транспорт.

Според Николоски, државава покажува капацитет да води големи инфраструктурни проекти, а кај, како што рече, „заглавените и заборавени“ проекти од пред година и половина има сериозна реализација.

Во делот на железничкото поврзување со Софија, Николоски информира дека е објавен тендер за избор на надзор за третата фаза од Крива Паланка до Деве Баир и оти за 10-ина дена треба да биде објавен и тендер за избор на изведувач.

Се надевам дека што повеќе европски и светски компании ќе аплицираат на тенедорот за надзор на третата фаза, а очекувам не подоцна од десетина дена од денеска исто така да излезе и тендерот за изведба, така што во текот на летото да можеме да ги започнеме градежните активности за третата фаза од пругата кон Бугарија, односно делницата од Крива Паланка до заедничкиот тунел со Бугарија, каде работите одат добро и се надевам дека за брзо време и таму ќе почнат активностите, изјави Николоски.

Проценетата вредност за третата фаза останува иста, а во однос на изградбата на тунелот се надева дека Бугарија конечно ќе има стабилна влада и оти, како што рече, ќе продолжиме да работиме онаму каде што застанавме со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов и во текот на летото и таму ќе бидат завршени работите. – Рокот за завршување останува ист, 2031-2032 година целосно од наша страна да се завршат работите. Бугарија ветува дека со исто темпо ќе ја заврши од нивна страна, тие треба реконструираат што да изградат нова пруга на цел потег од Софија до граница со Македонија – рече Николоски.

Тој вели дека се надминуваат проблемите и за втората фаза од пругата од Бељаковце до Крива Паланка, која се одвиваше со забавено темпо и оти сите 16 тунели веќе се пробиени. Очекува тој дел да биде завршен во 2028 година. Првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е во функција од почетокот на минатата година.

На состанокот со претставниците на ЕУ се разговара и за западното железничко крило на Коридорот 8. За потегот од Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар -Кичево каде што веќе има пруга но посочи „треба да ја донесеме на многу повисоко ниво“ и вториот дел Кичево-Охрид-Струга- граница со Албанија.

Се работи за огромни инвестиции. Целиот Коридор 8 ќе чини некаде околу 5 милијарди евра во автопати и во железница и се надевам дека со иста одговорност ќе работат и нашите соседи Албанија и Бугарија затоа што нема никаква поента да ние потрошиме толку пари, а од другата страна да нема активности, така што се надевам дека ќе има посветеност и од нивна страна со цел да заеднички ги завршуваме проектите – изјави Николоски.

Како што оцени, работите на Коридорт 8 во делот на автопатско поврзување се одвиваат добро. При крај е, посочи, реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир и веќе се размислува за втората фаза за негово проширување. Пуштени се и обиколницата кај Крива Паланка и експресниот пат од Страцин до Крива Паланка.

Во моментов заедно со конзорциумот Бехтел и Енка работиме на изградба на автопатите Тетово-Гостивар и Гостивар-Кичево, а исто така работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. А во моментов сме во финална фаза на избор на изведувач за автопатот Кичево-Букојчани, уште една делница од Коридорот 8. Заедно со Европската Унија ќе работиме во рамки на Планот за раст за изградба на експресен пат помеѓу Куманово и Страцин што значи дека од границата со Албанија до границата со Бугарија треба да имаме автопатско решение или експресен пат. Исто така ја завршивме и реконструкцијата на граничниот премин Ќафасан и се работи на проширување – изјави Николоски.

Во однос на автопатската делница Требениште-Ќафасан, по укажувањата од УНЕСКО поради заштитеното подрачје, посочи дека воопшто не е доведено во прашање тоа дали до Струга и до граничниот премин Ќафасан ќе има автопатско решение, туку по која траса биде. Најави дека тоа ќе биде тема и на денешниот состанок со претставниците на Европската Унија, како и на средбата што треба да се одржи со претставниците на УНЕСКО во мај или јуни.

Бен Нупнау од Делегацијата на Европската унија во Скопје ја нагласи стратешката важност на Коридорот 8 и придобивките за граѓаните, бизнисите и државата од неговата изградба. Се надева дека што побргу ќе се искористат финансиските средства во износ од 1,2 милијарди евра обезбедени од Европската Унија за реализацијата на овој коридор.

Како прва од причините за важноста на овој коридор во услови на геополитичка криза каква што имаме денеска би го нагласил безбедносниот аспект бидејќи преку овој коридор ќе имаме поврзување на двете мориња, а со тоа ќе се олесни сообраќајот односно ќе се зголеми воената мобилност помеѓу земјите што се дел од овој коридор, а тоа претставува важна компонента за безбедноста на земјите членки на НАТО, а исто така и важно е од аспект на безбедноста на европскиот континент – рече Нупнау, кој оцени дека состанокот претставува потврда за заложбата на Владата за реализација на овој инвестициски проект.

Со Декларацијата потпишана на 18 февруари годинава во Тирана државите што се дел од Коридорот 8 повторно ја потврдија својата заложба за негово имплементирање.(МИА)

Поврзани вести