Skip to main content
Роксан Стојанов, балетска ѕвезда на Париската опера

И најголемите соништа можат да станат реалност

james-bort

Oтворањето на 22. издание на „Танц фест” и воспоставувањето на првото издание на наградата „Роксан Стојанов“ ќе се случи на 18 април во МНТ. По тој повод ќе се одржи ексклузивна гала вечер со настапот на Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов.

Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“, со учество на сите 13 учесници, ќе одржи истиот ден, в сабота 18 април, претпладнето, во МНТ. Жири-комисијата за наградата „Роксан Стојанов“ е состав: г-ѓа Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, г-дин Антонио Конфорти, солист на Париската опера, г-ѓа Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.

Од сите 13 учесници, ќе биде направен потесен избор од најдобри пет финалисти, коишто ќе настапат на гала вечерта во МНТ и ќе се натпреваруваат за еднонеделен професионален престој во Париз, во месец јули 2026, под менторство на Роксан Стојанов.

Натпреварот е под покровителство на Претседателката на Републиката, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова.

Роксан Стојанов е исклучителна уметница, со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот. Во декември 2024 е прогласена за Ѕвезда на Париската опера, највисоко уметничко признание на оваа светска реномирана институција.

На 21. издание на „Танц фест“ во 2025 година, таа ја доби македонската награда МЕНАДА за особен придонес во областа на танцот.

Во пресрет на овој голем настан разговаравме со Стојанов за патот до најпрестижната балетска куќа, наградите, советите до помладите колеги…

Вие сте истакната француско-македонска балерина која го носи престижниот наслов „Етоал“ (Étoile) во Париската опера. Што значеше за Вас моментот кога бевте именувана за „Етоал“ по изведбата на „Пакита“?

Toj момент беше истовремено нереален и трогателен. Самиот чин на именување токму по завршетокот на Пакита, на сцена, опкружена со колегите и мајка ми во публика, беше како во сон. Тоа е огромно признание, но и нова одговорност.

фото: _Leo de Busserolle

Како изгледа патот на една балерина од Македонија до најпрестижната балетска куќа во светот, Париската опера?

Мојот пат брои низа преселби, прилагодувања и судбински средби. Родена сум во Франција, а пораснав во Македонија и во неколку европски земји. Влегувањето во Париската опера на 12 години беше вистински предизвик што поради бараната дисциплина, но и поради далечината и одвоеноста од родителите. Кога бев мала, не можев ни да замислам дека таков животен пат воопшто би бил возможен, но токму средбите и новите искуства постепено ме насочуваа во овој правец.

Ќе речете дека е најважно „да се биде искрен на сцената“. Како ја постигнувате таа емотивна поврзаност со публиката?

Сметам дека сè започнува со труд. Пред сè, со искреност кон самиот себе во секојдневната работа, на часовите по танц, на пробите. Секогаш треба да се трудиме да ги подобриме слабостите и да ги истакнеме квалитетите.
Секогаш треба да се одбере правилниот пат, дури и кога е подолг и потежок, затоа што на сцена, можам повеќе да му верувам на сработеното и да му дадам простор на ликот и на емоциите, повеќе отколку што тоа можам да го направам во студио.

Чесноста значи да се прифатиш себеси со своите силни страни, но и со слабостите, како и да се има смелост да се покаже тоа пред публика.

Го добивте признанието „Менада“ во Скопје. Какви емоции буди оваа награда од Вашата татковина?

За мене беше вистинска чест да ја примам оваа награда.
Воедно и првпат, откако се преселив, танцот ме врати во татковината. Длабоко ме трогна тоа што бев одликувана со оваа награда, особено кога ги гледам сите меѓународни уметници кои биле одликувани претходно, но и затоа што оваа награда ме доближува уште повеќе до моите семејни и уметнички корени, бидејќи токму во Скопје започнав со танцот.

Кој е Вашиот главен совет за младите балетски играчи кои сонуваат за светска кариера?

Сакам да им порачам силно да веруваат во своите соништа, дури и кога изгледаат далечни или невозможни. Не треба да се ограничувате ниту да се сомневате во можностите. Секој пат е единствен и најголемите соништа можат да станат реалност, без разлика колку време тоа може да одземе. Секој има свој ритам.

фото: Opera national de Paris_Copyright James Bort

Овогодишното издание на „Танц фест“ ќе се отвори со гала вечер со Вас и други врвни уметници од Париската опера. Што ќе може да проследи публиката?

Сакаме да прикажеме извадок кој ги истакнува разновидноста и дисциплината во изведбите на Париската опера. Заедно со солистот Антонио Конфорти, ќе претставиме извадок од „Богородичната црква во Париз“ на Ролан Пети, којшто го изведовме минатиот декември во Париз.

Воспоставена е нова национална награда за млади балетски уметници (од 16 до 20 години) која го носи Вашето име. Од што се состои наградата? Која е целта и какво беше чувството едно Вакво признание да го носи Вашето име?

Оваа награда беше осмислена заедно со Францускиот институт во Скопје и Интерарт како вистинска отскочна даска за младите танчери за да добијат поддршка во клучен момент од нивниот професионален избор. На победникот ќе му се овозможуви уметничко искуство во Париз во непосреден контакт со реалноста на професијата, но и отвореност кон нови хоризонти. Целта е да се пренесе она што ми беше дадено мене – со создавање конкретни можности и градење врска помеѓу моите две земји.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести