Skip to main content

Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и ќе оствари комуникација со сите гледачи, кажа Ана Стојаноска на затворањето на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

МТФ „Војдан Чернодрински“

Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката, кажа синоќа на затворањето на 60. издание на МТФ „Војдан Черднодински“ Прилеп Ана Стојаноска, уметничката директорка на Фестивалот која го во изминатите четири години.

Стојаноска, инаку родена прилепчанка, синоќа во салата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ доби огромен аплауз од публиката, а таа на бината го повика својот тим без кого не би можела да го сработи „Чернодрински“. Посебно беа истакнати волонетрите на Фестивалот, а организацискиот тим, во знак на внимание и благодарност што четири години се дел од приказната „Чернодрински“ и додели посебна благодарница.

Дека еден човек не може да направи фестивал, се покажа и со мене. Затоа јас го имам најдобриот тим. Но, истовремено овој фестивал немаше да биде тоа што е и без моите најсакани волонтери, без вас драги мои ова ќе беше само обична манифестација. Поминавме многу патеки, се соочивме со многу предизвици, ги ширевме границите на сопствената комоција. Попатно многу недоразбирања, конфликти, забелешки, критизерства и критики и сè во насока да направиме нешто подобро. Тој што работи и греши, но најважно е да научи од грешките. Наједноставно е да стоиш отстрана, да коментираш заткулисно и да не правиш ништо. Меѓутоа, моето мото и мојот карактер не го дозволуваат тоа. Денес, во времето на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена – рече Стојаноска.

Во говорот таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.

Решив таа моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски, кажа Стојаноска.


Таа се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината.“

Поминав многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената што ме соочуваше со тоа што правам и дали треба тоа да се прави така, што ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе – дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни. За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ – заврши Стојаноска.

Во чест на наградените настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ. Големи аплаузи и воздишки предизвика претставата која е една од најбараните во последните неколку месеци на Балканот.

Поврзани вести