Skip to main content
Симон Трпчески вечерва на Антички театар во Охрид

Ретка можност публиката да доживее уметник од светски ранг во автентичен, отворен и исклучително инспиративен амбиент

Македонскиот најпознат пијанист Симон Трпчески вечерва ќе одржи концерт на Античкиот театар во Охрид, каде уметниците настапувале пред два милениума. Концертот вечерва почнува во 20 часот , а сега на Античкиот театар во Охрид во тек е тонската проба и сè оди според предвидените активности.

Трпчески пред публиката ќе изведе широк дијапазон од неговиот репертоар, а ќе му се придружат гости и пријатели. Пред охриѓани тој ќе се наврати и на фрагменти од проектот „Македонисимо“ кои досега не биле изведени пред оваа публика.

Симон Трпчески е еден од најценетите уметници од нашата сцена. Пијанист со богата меѓународна кариера, настапил на најпрестижните концертни сцени и соработувал со врвни светски оркестри. Трпчески е уметник чиј израз одамна ја надмин локалната рамка и е препознаен од публиката ширум светот.

Трпчески пред крајот на минатата година одржа Новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), ансамблот „Македонисимо“ и повеќе гости, а под диригентство на Сашо Татарчевски. Тогаш одбележа 25 години богата кариера.

Поврзани вести