
Ракометарите на ГРК Охрид со убедлив триумф од 30-19 во првиот натпревар од третото коло над литвански Драгунас Клаипеда ја продолжија вечерва одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп.
Избраниците на Борис Ројевиќ во првиот од двата натпревари против Драгунас Клаипеда на домашен терен ја оправдаа фаворитската улога и речиси го обезбедија пласманот во осминафиналето.
Литванскиот тим имаше водство од 4-2 во почетните минути, по што ракометарите на Охрид возвратија со серија од 4-0 и го задржаа силното темпо кое на полувремето им донесе предност и од највисоки шест голови разлика (13-7).
На стартот од второто полувреме, противникот ја преполови предноста на Охрид (14-11), но составот на Ројевиќ брзо го запре налетот на Драгунас Клаипеда и го врати водството од +6 (18-12), а на крајот извојува уште поубедлива победа со завршна серија од 9-2.
Мате со седум и Зечевиќ со шест голови беа најефикасни ракометари во редовите на Охрид.
Вториот натпревар, исто така, ќе се игра во СЦ „Билјанини извори“, утревечер со почеток во18 часот.

Македонски




