Skip to main content

Oхрид оди кон нова европска титула

Ракометарите на ГРК Охрид викендов против литвански Драгунас Клаипеда, на домашен терен, ја продолжуваат одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп.

За составот на Борис Ројевиќ дуелот од третото коло, во третото по ранг европско клупско натпреварување, доаѓа по убедливиот триумф над Тиквеш, на гостински терен, со 39 – 25 во рамки на 11 коло во македонската Суперлига.

Ракометарите на ГРК Охрид двата натпревари против противникот од Литванија ќе ги одиграат на домашен терен, а јапонскиот интернационалец Шуичи Јошида истакна дека целта е одбраната на европската титула да продолжи со двојна радост пред своите навивачи.

„По победата над Тиквеш имаме самодоверба во одбраната и нападот. Одиме на победа во двата натпревари, пред нашата публика, како бранители на титулата во ЕХФ Европскиот куп“, изјави вечерва Јошида за клупскиот сајт.

Првиот натпревар е на програмата в сабота во СЦ „Билјанини извори“ со почеток во 18 часот, а реваншот ден подоцна во истиот термин.

Поврзани вести