
Со пораки „Доста е!“, „Охрид не молчи!“ и „Ниту една повеќе!“, денеска во Охрид се одржа мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство, како и против институционалното непостапување во случаите на насилство врз жените.
Повод за протестот беше и случајот со 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, која на 15 ноември беше тешко претепана од нејзиниот партнер Кристијан Корабоски. На протестот присуствуваше и нејзиниот татко Љупчо Ѓорѓиески, кој покажа фотографија од повредената ќерка и порача дека не сака ниту еден друг родител да го доживее она што му се случило на неговото семејство.
Во обраќањето на организаторите беше нагласено дека насилството врз жените не е приватна работа, туку општествен проблем што ја засега целата заедница, а молкот и игнорирањето придонесуваат за негово нормализирање.
„Седум фемициди во една година. Седум жени чии животи беа одземени како последица на родово засновано насилство“, посочија организаторите, предупредувајќи дека жените во земјава живеат во страв за сопствената безбедност.
Тие побараа околностите на случајот со Сара Ѓорѓиеска да бидат темелно и независно испитани, а надлежните институции да обезбедат транспарентност и одговорност во постапувањето.
„Бараме заштита, одговорност и конкретни промени. Не сакаме да чекаме да биде предоцна“, беше една од пораките на протестот.
Организаторите претходно нагласија дека собирот е граѓански и дека не се дозволени партиски обележја, знамиња и партиска пропаганда, ниту провокации, говор на омраза и навредлив однос кон жените и жртвите на насилство.
„За сите жени. За оние што зборуваат, за оние што молчат од страв и за оние што повеќе не можат да зборуваат“, порачаа организаторите.
Со денешниот протест Охрид се приклучи на барањата за посериозен институционален одговор на насилството врз жените, навремена реакција на пријавите, ефикасна заштита на жртвите и еднаквост пред законот.

Македонски




