Skip to main content

Почна реконструкцијата на спортската сала во Делчево, инвестиција вредна 50 милиони денари

Фото: Министерство за спорт

Министерството за спорт продолжува со реализација на проектите за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава. Во Делчево денеска официјално започнаа градежните активности за реконструкција на спортската сала, значаен проект во вредност од 50 милиони денари, со кој ќе се обезбедат современи и квалитетни услови за развој на спортот во општината, информираше министертсвото.

Почетокот на градежните активности го означија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.

Министерот Ристовски, истакна дека реконструкцијата на спортската сала е дел од пошироката стратегија на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава.

„Овој проект е уште еден чекор во она што Министерството за спорт сака да го направи, а тоа е враќање во живот на сите спортски центри на територијата на цела Македонија. Со реконструкцијата на оваа спортска сала Делчево ќе заживее како спортски град, а што е уште поважно, децата и младите ќе имаат место каде што ќе можат да се занимаваат со спорт. По реконструкцијата, која треба да биде реализирана во рок од 18 месеци, сигурен сум дека овој објект, кој со години пропаѓал, ќе прерасне во современ спортски центар, во кој ќе може да се организираат и поголеми спортски настани“ – истакна Ристовски.

Поврзани вести