
Британската компанија „80 Мајл“ и нејзиниот американски партнер „Гринланд енерџи“, за која се тврди дека е поврзана со американскиот претседател Доналд Трамп, го одложија планираното тест-дупчење на источниот брег на Гренланд за следната година, објави гренландскиот јавен радиодифузер КНР.
По консултациите со гренландските власти надлежни за минерални ресурси, од „80 Мајл“ и „Гринланд енерџи“ потврдија дека дупчењето во областа Нунап Кекка се одложува, при што Владата на Гренланд укажала на потребата од промена на временската рамка. Двете компании сега планираат заеднички да ги обезбедат сите потребни дозволи до зимата 2027 година.
Одлуката за одложување следува откако гренландското Одделение за индустрија и минерали неодамна ѝ упати строго предупредување на „Гринланд енерџи“ – компанија со седиште во Тексас, основана минатата година – поради тоа што тешка опрема за дупчење била донесена на брегот без потребните владини одобренија.
„Ќе биде упатено строго предупредување до носителот на лиценцата“, соопштија одделението и локалните власти. По овој чекор, компаниите се обврзаа во иднина да го приспособат својот пристап преку зајакнување на комуникацијата и односите со локалната заедница, стратешките партнери и надлежните институции.
Овој инцидент се случува во период на обновен геополитички интерес на САД за Гренланд. Само неколку дена откако локалните жители пријавија дека забележале опрема за дупчење на брегот, претседателот Доналд Трамп на својата платформа „Трут соушал“ објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан како гледа кон гренландско село, придружена со натписот: „Здраво, Гренланд!“.
Трамп предизвика бранувања и меѓународни критики во јануари 2025 година, откако одби да ја исклучи можноста за употреба на воена сила за преземање контрола врз Арктичкиот Остров, изјавувајќи дека на САД им е потребна оваа територија „од причини поврзани со националната безбедност“.
Од компаниите најавија дека дополнително ќе ја информираат јавноста за новата временска рамка на проектот откако административниот процес ќе биде целосно дефиниран.(МИА)

Македонски


