Skip to main content

Мицкоски: Шокиран сум од случаите на насилство врз жените, во мене имате соговорник и соработник во борбата против тоа зло

Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска им порача на младите кои протестираат против насилството врз жените, дека во него може да гледаат соговорник и соработник за заедно да се спротивстават на насилството. Тој кажа дека ја поддржува кампањата против насилството врз жените, но, како што рече, „политиката треба да биде надвор од соочувањето со оваа декаденција“.

-Никогаш не си дозволувам да престанам да слушам, дури и оние кои мислат различно, па некогаш и погрешно. За да се разбереме, мора прво да се чуеме. Не си дозволувам некој глас да биде стишен, напротив, за секој има место под ова наше парче небо. Го следев последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред Владата. Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци – рече Мицкоски на конференцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

На тие млади кои протестираа, додаде Мицкоски, сакам да им порачам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството за кое мораме да бидеме реални и објективно да кажеме дека не почна пред две години или започна со оваа Влада, и дека најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини па дури и на овие теми.

Мицкоски посочи дека како општество мораме да погледаме и подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејни вредности, но и поради ниското ниво на општествена па и политичка култура.

– Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа што така се бранат себеси и своите милиони – кажа Мицкоски. 

Тој повика да започне општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејно насилство, оти вистинските решенија, како што рече, се носат на маса и низ дијалог.

– Би сакал во оваа прилика да укажам на една интенција што ја создава опозицијата. Тоа е нивната јасна намера – надежта да биде убиена преку море дезинформации и креирање наслови и вести кои мора да создаваат дефетизам. Мудрите велат каква ти е душата, такви ти се мислите. Сакам да предупредам на една активност на опозицијата и нивните блиски структури на ширење дефетизам. Немаат програма, немаат идеи, туку се посветени на рушење и се во тотална безидејност. Повторуваат дека е од лошо полошо и секој успех сакаат да го претворат во неуспех. Се лепат до секоја семејна расправија, секаков инцидент и како ситни профитери се обидуваат да стекнат некакви политички поени – рече Мицкоски.

Погледнете, додаде тој, како дезинформираат и манипулираат со последниот случај со „Алта банка“ која е всушност увезен проблем затоа што мајката банка во Србија пропадна, банкротираше.

– Среќа во очите им излегуваше што мислеа дека ќе пропадне банката и луѓе ќе загубат пари. Притоа многу лесно го заборавија случајот со Еуростандард банка каде луѓето вистински загубија пари преку свесно и намерно обезвреднување на капиталот на банката. Притоа директно ме нападнаа дека јас нешто наводно сум договарал,а тие самите години наназад започнале деловни односи со истата таа Алта Банка Србија и со истиот тој сопственик на таа банка, за што покажав и документи. Па потоа почнаа да шират информации и делат обвинувања дека наводно можел да ја купи банката некој криминалец. Морам да им кажам дека ќе останат разочарани, а граѓаните задоволни. Банката ќе се спаси. Парите ќе останат достапни за граѓаните, а жална вест за опозицијата, добра и среќна за граѓаните на Македонија – кажа тој.

Мицкоски рече дека негова работа е да се бори за граѓаните и додека светот се соочува со тешки кризи, ние како држава се бориме за економски раст.

– Светот се соочува со тешки кризи, но Македонија е со одлични резултати во тој поглед. Мораме да бидеме свесни дека цените на бензините, цената на струјата, и останатите енергенси е со 20, 30 па дури 50 проценти пониска од сите држави во регионот и пошироко. Сепак, во едни такви услови се бориме за силен економски раст кој е меѓу најдобрите три во Европа. Со зауздана инфлација меѓу најниските во Европа. Така и ќе продолжиме. И нема да ја чекаме опозицијата која не ни репер. Затоа ние излегуваме меѓу граѓаните – порача Мицкоски во своето обраќање на конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. 

Поврзани вести