
Со порака дека секоја генерација има можност да остави белег во историјата, но дека само оние што ќе покажат храброст, знаење, истрајност и карактер успеваат таа можност да ја претворат во дело, премиерот Христијан Мицкоски го започна своето обраќање на 35-тата годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Постојат моменти во животот на еден човек кога треба да одлучи дали ќе биде само сведок на времето во кое живее или ќе биде некој што ќе остави свој белег во него. Постојат моменти во историјата на секоја држава кога не е доволно само да се зборува за иднината, туку е потребно да се преземе одговорност за нејзиното создавање. И постојат генерации кои добиваат можност да направат нешто поголемо од себе, нешто што ќе остане и по нив, нешто што ќе биде темел врз кој ќе продолжат да градат генерациите што доаѓаат, порача Мицкоски.
Тој истакна дека историјата никогаш не ја создавале оние кои стоеле настрана и чекале времето да помине, туку луѓето кои имале храброст да сонуваат, да се спротивстават на предизвиците и да веруваат дека иднината не е нешто што треба да се чека, туку нешто за кое треба да се работи и да се преземе одговорност.
Осврнувајќи се на улогата на младите, Мицкоски порача дека најголемите промени често започнувале со една идеја и група млади луѓе кои одбиле да се помират со постојното и поверувале дека можат да создадат нешто подобро.
Говорејќи за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, тој истакна дека организацијата има своја историја, традиција и генерации кои поминале низ нејзините редови, но дека секоја генерација мора да се запраша што создава денес и какви луѓе подготвува за утре.
„Нашата генерација, Вашата генерација е она што го оставаме за нашата Македонија“, рече Мицкоски.
Тој ги охрабри младите да не се плашат од големи идеи, да поставуваат прашања и да бараат подобри решенија, нагласувајќи дека возраста не смее да биде причина некој да ја потцени вредноста на нивното знаење, работа или иницијатива.
„Младоста не е недостаток на искуство што треба да се оправдува. Младоста е период во кој се создаваат искуствата што ќе го обликуваат целиот живот“, порача премиерот, додавајќи дека младоста носи и одговорност – да се учи, да се биде подготвен и да се разбере дека успехот не доаѓа преку ноќ, ниту пак титулите и функциите можат да го заменат знаењето.
Мицкоски се повика и на мислата на римскиот филозоф Сенека: „Не се осмелуваме затоа што работите се тешки, туку работите се тешки затоа што не се осмелуваме“, посочувајќи дека стравот од неуспех и сомнежот во сопствените способности често се поголема пречка од самите предизвици.
Во обраќањето тој се осврна и на лидерството, нагласувајќи дека вистински лидер не е оној кој секогаш стои напред, туку оној кој знае да слушне, да обедини, да донесе одлука и да ја преземе одговорноста за неа.

Македонски




