Skip to main content

Мицкоски: Иднината не започнува утре, иднината започнува денес!

Во завршниот дел од обраќањето на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски ја истакна улогата на младинската организација како кадровски расадник на партијата и ја изрази својата поддршка за новоизбраниот претседател Тодор Коневски.

„Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е тој расадник на млади луѓе, генерацијата по нас која треба да води. Тодор Коневски како нов лидер на УМС ја има мојата доверба и мојата поддршка да ги води младите“, порача Мицкоски.

Тој ги повика младите да не дозволат неуспехот и критиките да ги обесхрабрат, туку да ги користат како можност за учење и напредок, да поставуваат сопствени цели и да останат доследни на вредностите во кои веруваат.

„Не дозволувајте неуспехот да ве поколеба. Тој може да биде лекција, но не мора да биде пресуда. Не дозволувајте критиката да ве обесхрабри, туку научете да разликувате критика од која можете да напредувате од критика што нема никаква конструктивна вредност“, им порача Мицкоски на младите.

Во завршницата на говорот тој истакна дека политичките расправи, насловите и денешните потешкотии со текот на времето ќе бидат заборавени, но дека ќе останат делата, знаењето, подобрените институции, отворените можности и животите што се промениле на подобро.

„Не чекајте совршени услови за да започнете нешто вредно. Создавајте можности со својата работа. Не дозволувајте неуспехот да биде крај на вашите амбиции. Претворете го во искуство што ќе ве направи посилни. Не дозволувајте стравот да биде поголем од вашите соништа. И никогаш не дозволувајте рамнодушноста да ја замени надежта“, порача премиерот.

Мицкоски го заврши обраќањето со порака дека големината на една генерација не се мери според условите што ги наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе.

„Иднината ќе ја создадат нашите идеи, нашата работа, нашите дела! И запомнете, големината на една генерација не се мери според тоа колку лесно време наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе“, истакна тој.

„Затоа што иднината не започнува утре! Иднината започнува денес! Вашата генерација за нашата Македонија. И таа иднина ја градиме сите заедно!“, порача Мицкоски, завршувајќи го говорот со поздрави за Унијата на млади сили, младоста и Македонија.

Поврзани вести