
Многу си ја сакам земјата. Толку добро ја познавам и толку многу ја сакам што секогаш ме фасцинира кога наоѓаме реални приказни што всушност личат на научна фантастика, изјави на денешната прес-конфренција македонската режисерка Тамара Котевска, чиј последен документарен филм „Силјан“, трет во досегашната нејзина кариера е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм.
Котевска веќе има две номинации за Оскар за првиот документарен филм „Медена земја“ кој го режираше со Љубомир Стефанов. Во 2020 година „Медена земја“ беше номиниран за најдобар странски и за најдобар документарен филм.
Котевска, која на кратко е дојдена во Македојнија, на денешната прес-конференција сподели детали од снимањето на „Силјан“, кој имаше светска премиера на 82. издание на Филмскиот фестивал во Венеција каде што ја освои независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм наречена и „Награда за муза“.
„Силјан“ ме убеди дека најдобро знам да раскажам приказна за Македонија, дека најмногу сакам да раскажувам приказни од Македонија, вели Котевска.

„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17. век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба почнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Филмот, како што кажа Котевска, е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…), а се почнало со многу мал тим, голема желба и сопствени финансии.
Филмот имаше тежок пат. Почнавме со многу мал тим и поминавме цела година без некаква информација за каква било финансиска поддршка. Тешко беше зашто немаше заинтересиран ниту еден странски финансиер. Баш во тој период ни беше украден и материјал вреден околу 4 000 евра. Беше многу тешко да продолжиме и да истраеме. Ми помогна искуството со „Медена земја“, ментално да успеам да ја буткам целата ситуација. Инаку, живеевме во трејлер неколку месеци поради локациите на штрковите. Буквално одевме од гнездо на гнездо и го следевме целиот нивен животен циклус, од испилувањето до полетувањето, раскажа режисерката, дополнувајќи дека секој нов филм значи почнување нешто одново, но и големи очекувања. Кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, знаевме дека мора да продолжиме и дека тоа ќе вреди, вели Котевска.
Режисерката раскажа и за односот на Никола, главниот лик во „Силјан“ и штркот.
Промената на миграцијата беше мојата првична идеја и како штрковите јадат од депонии кај нас, но најфасцинантниот момент ми беше односот на Никола со штркот. Не му е ова прв штрк, чувал и претходно. И не е единствениот. Тоа за мене беше најфасцинантно, навистина е нешто посебно таа симбиоза на луѓето особено од источна Македонија, па и од секаде каде има штркови. Многу често се случува да падне штрк и тие да го чуваат, нагласи Котевска.
Според продуцентот Јорданчо Петковски, филмот настанал сосема случајно.

„Силјан“ настана во една пауза додека се подготвувавме да го снимаме играниот филм со Тамара. Во сценариото за играниот филм се најде штркот, а јас како продуцент прв пат се сочив со такво искуство. Кога Тамара ќе се фати за нешто, оди до крај што ми е многу драго. Така почна истражувањето за штрковите, што тие се значат, што би значеле во играниот филм и во тоа истражување поќна оваа приказна. Ни требаше една година да дојдеме до финансиери, тоа беше тешка година кога не знаевме дали да продолжиме со снимање или да почекаме, напомена Петковски кој заедно со монтажерот Мартин Иванов беше на прес-конференцијата.
Екипата не знаела дали пректот го прави со некаква цел, повеќе го гледала како некое истражување што давало мотивација.
Секогаш не интересира да ја раскажеме приказната најдобро што можеме, да биде што е можно почовечка, покосмополитска, пуниверзална, независно дали се работи за игран или документарен филм, се што се случува околу Силјан пријатно ме изненадува зашто додека работам, не размислувам за овие работи, рече Иванов.
За неколку недели треба да се знае кога „Силјан“ ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика.