Skip to main content

Со инвестиција од 12 милиони евра преку ТАВ програмата обновен е оперативниот блок на ГОБ „8 Септември“

Со инвестиција вредна 12 милиони евра преку ТАВ програмата градската општа болница „8 Септември“ во Скопје доби целосно реновиран оперативен блок. Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали, одделите за интензивна нега и за патологија, административни кацеларии, кровната конструкција, клиничките лаборатории и придружните простории.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, сите операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се во согласност со најновите медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација.

Пред повеќе години, кога првпат дојдов во Македонија, бев пациент токму во оваа болница. Иако состојбата не беше многу сериозна, сепак добив исклучителна грижа од персоналот и од докторите. Имав навистина пријатно искуство и се чувствував дека сум навистина во сигурни раце. Затоа и денеска за мене претставува голема чест што сум дел од овој настан, кој за нас претставува значаен чекор напред во подобрување на јавното здравство во земјата, кажа Курт.

Вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 квадратни метри. Реконструирани се седум специјализирани операциони сали коишто опфаќаат површина од 634 метри квадратни, потоа оддел за интензивна нега со површина од 460 метри квадратни, административни канцеларии со површина од 620 метри квадратни, реконструирана кровна конструкција која опфаќа површина од 1.820 метри квадратни, потоа одделот за патологија и клиничките лаборатории кои опфаќаат површина од 800 метри квадратни, како и придружните простории на одделението.

Јас не сакам да звучи како тука да зборуваме само за квадратните метри и површината којашто ја опфаќа оваа реконструкција и модернизација. Важно е да нагласиме и дека сите овие операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремената опрема кои се секако во согласност со најновите медицински стандарди и препораки. И сè што видовте од опрема додека бевме во обиколката е уникатно и го нема во други институции во околината, а сè тоа за доброто на секој еден пациент во оваа болница, кажа Курт.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека станува збор за значаен проект за македонското здравство бидејќи добиваме најмодерен регионален објект и оти, како што вели, вакви услови северно до Виена нема.

Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, кровот течеше. Тоа што сега не можете да го видите а исто беше опфатено со реконструкцијата е целосната обнова на кровната конструкција каде што се сместени клима коморите кои обезбедуваат третитран воздух со сите параметри – влажност, чистота, итн, но исто така и делот каде се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи ќе ја добиеме целината која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме, рече Мицкоски.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ Синиша Стојановски посочи дека после неколку децени болницата има комлетно реновиран оперативен блок, како капитален проект што ќе остане за идните генераци. Најави дека реновираниот дел ќе се користи откако ќе се спроведат активности за дезинфекција на објектите и обука на вработените и ќе се добие употребна дозвола од надлежните институции.

Оперативниот блок ќе овозможи можеби и преполовување на листите за чекање доколку имаме персонал поради што мораме кадровски да се екипираме, рече Стојановски, посочувајќи дека треба да се направи регионализација на услугите со ротација на персоналот, екипирање на центри надвор од Скопје.

Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека се завршува огромен проект од значење не само за Скопје, туку и за целата држава.

Се работи за врвна здравствена институција во која по оваа реконструкција ќе може да се добијат најдобрите здравствени услуги, рече Николоски, кој сподели дека идејата за пренамена на средствата од ТАВ програмата за оваа болница била на премиерот Мицкоски.

И министерот за здравство Азир Алиу потенцираше дека ГОБ „8 Септеври“ добива инфраструктура по светски стандарди.

Ова не е само реконструкција на ѕидови туку на начинот како ги креираме и планираме политките во здравството, рече Алиу.

Поврзани вести