Skip to main content

Младите не си заминуваат поради плати, туку поради нефункционален систем, вели Митева

Во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, говореше за демографскиот пад, иселувањето на младите, состојбите што ги затекнале во институциите и економските предизвици со кои се соочува државата.

Осврнувајќи се на честите предлози на социјалните мрежи, како даночни олеснувања за фриленсери со цел младите да се вратат во Македонија, Митева нагласи дека проблемот не може да се реши со една мерка или еден проект.

„Не верувам дека само една ваква политика би ги вратила младите. Работата, трудот и она најважното – функционален систем, се вистинските причини некој да одлучи да се врати. Нашата цел не е да решаваме проблеми на мали групи, туку да ја направиме Македонија функционално место за живеење“, истакна Митева.

Таа додаде дека владините политики мора да се темелат на реалните потреби и законската рамка, а не на популистички решенија.

Говорејќи за состојбата во институциите, Митева откри дека и по две години мандат, ревизорските извештаи сè уште откриваат сериозни проблеми и штети.

„Штетите сè уште се санираат, тие излегуваат секој ден. На 90% од извештаите на Државниот завод за ревизија прашуваме дали се во Обвинителство – одговорот е да, но постапки нема“, рече портпаролката.

Според неа, клучната разлика меѓу актуелната и претходните влади е во начинот на работа и поставувањето на приоритетите.

„Политичарите во минатото работеа од горе кон долу. Ние почнуваме од темелот за да изградиме нешто што ќе остане“, изјави Митева.

И покрај, како што рече, ограничените ресурси, таа посочи дека економските показатели покажуваат стабилизација и раст.

„Имаме сериозни инвестиции во инфраструктурата и образованието. Економските индикатори се јасни – по еден долг период, дојдовме до шест квартали со раст на БДП од 3,5%. Тоа е резултат на посветеност во услови на исклучително ограничени ресурси“, потенцираше Митева.

Како еден од најважните приоритети на Владата, Митева ја најави и офанзивата за дигитализација на институциите, оценувајќи дека токму модернизацијата е најсилното оружје против бирократијата и корупцијата.

„Дигитализацијата не е само технолошки процес, туку начин да изградиме ефикасна држава по мерка на граѓаните“, заклучи таа.

Поврзани вести