Skip to main content

Tриесетдневен притвор за Стефан Богоев и уште тројца осомничени во истрагата за местење тендери во Царината

Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им одреди 30-дневен притвор на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, како и на уште три лица осомничени во истрага поврзана со местење тендерска постапка во Царината.

Од Кривичниот суд доцна вечерва соопштија дека мерката притвор е определена поради опасност од бегство, но и поради можност осомничените да влијаат врз сведоци, вештаци, соучесници или да ги сокријат трагите од кривичното дело.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание, донесе решенија со кои на сите им се определува мерка притвор во траење од 30 дена“, се наведува во соопштението на Судот.

Според Судот, мерката е изречена врз основа на член 165 став 1 точка 1 и точка 2 од Законот за кривична постапка.

Од Кривичен додаваат дека странките имаат право на жалба на донесените решенија пред Кривичниот совет на Судот.

Богоев и останатите тројца осомничени вчера беа приведени во рамки на истрагата за коруптивни дејствија, а денеска попладне беа спроведени во Кривичниот суд во Скопје. Нивниот распит, во присуство на бранители, траеше неколку часа.

Поврзани вести