Skip to main content

Цветановски ќе одлучува за „Мазут“ – Во рок од 30 дена ќе има одлука за предметот

Приговорот што го поднесе ЕСМ за запирањето на истрагата за спорните набавки на мазут во ТЕЦ Неготино е распределен кај обвинителот Јован Цветановски во Вишото јавно обвинителство, потврди денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески.

На брифинг со новинарите, Савески изјави дека приговорот е во фаза на разгледување и дека по неговото анализирање ќе биде донесена одлука дали истрагата повторно ќе се отвори или ќе остане запрена.

„Обвинителот има релативен законски рок од 30 дена од приемот на приговорот за да донесе одлука за предметот“, изјави Савески.

Истрагата претходно беше запрена за Ратко Капушевски, Исмаил Јахоски, Васко Ковачевски, како и за компанијата РКМ, иако Министерството за внатрешни работи тврдеше дека со набавката и доцнењето на испораката на мазут за ТЕЦ Неготино била предизвикана штета поголема од 167 милиони евра.

фото МИА

По одлуката за запирање на постапката, ЕСМ поднесе приговор, додека паралелно се води и предистражна постапка за можно загадување од мазутот што бил користен за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино.

Според Савески, резултатите од лабораториските анализи веќе се обезбедени, но институциите сè уште бараат стручни лица кои ќе можат да ги протолкуваат наодите.

„Стапено е во контакт со професор на ПМФ кој во јавноста изнесуваше ставови дека има сознанија за читање на лабораториски анализи за загадување. Истражителите на ОЈО ГОКК лично се испратени во научните институции за да проверат дали постојат експерти што можат да ги толкуваат резултатите“, изјави Савески.

Обвинителот Јован Цветановски во изминатиот период беше под суспензија поради дисциплинска постапка поведена во Советот на јавни обвинители. Постапката беше иницирана од тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, со образложение дека Цветановски и поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулаху се откажувале од предмети со милионски штети.

Сепак, суспензијата подоцна беше укината поради утврдени неправилности, а постапката беше вратена на повторно разгледување. Во обвинителските кругови се шпекулираше дека причината за конфликтот била намерата на Цветановски повторно да го активира предметот поврзан со бонусите на обвинителите од поранешното СЈО.

Поврзани вести