
Полициски службеник од Ресен е лишен од слобода рано утринава во Стар Дојран, откако бил пријавен дека физички нападнал жена со која бил во љубовна врска и нејзиниот малолетен син.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска (3 август) околу 4 часот, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го привеле 35-годишникот, постапувајќи по претходна пријава.
Според информациите, тој на 1 и 2 август во Стар Дојран физички нападнал 36-годишна жена од Прилеп, со која бил во љубовна врска, како и нејзиниот малолетен син.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот. По завршување на постапката, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од МВР додаваат дека за настанот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој ќе постапува согласно своите надлежности.

Македонски


