
Шест лица од струмичкото село Просениково заработија кривични пријави поради насилство, откако насилно влегле во куќа во селото Сарај и физички нападнале повеќе лица, меѓу кои и две малолетни деца.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднела кривична пријава против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите од село Просениково, поради сомнение за сторено кривично дело „насилство“.
Дополнително, против Т.Ј. и Г.Т. е поднесена пријава и за „противправно лишување од слобода“, а против Б.Д. и за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Според полицијата, инцидентот се случил на 24 јули околу 21:20 часот, кога осомничените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во селото Сарај. Притоа физички ги нападнале К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, нанесувајќи им телесни повреди. Во еден момент, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја одведат Р.Ѓ.
За време на интервенцијата, Б.Д. агресивно се однесувал и кон полициските службеници кои постапувале по случајот и физички нападнал двајца полицајци.
Осомничените биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
Во текот на инцидентот, сопственикот на куќата К.Ѓ. излегол на терасата и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух. По целосното документирање на случајот, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Македонски


