
Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително признание за необјавен поетски ракопис на македонски јазик, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, во рамки на мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
На својот втор состанок, жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева (членови), повторно ја истакна рекордната бројка од 115 пристигнати збирки и одлучи во потесен круг да ги селектира следните 9 поетски книги: Ерол Туфан – „Недовршени песни“, Белинда Сипкоска Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“, Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“, Лидија Размоска Тримовска – „Патот до Огнена“, Јулијана Младеновска Тешија – „Чекркот“, Александар Русјаков – „Дегустација на жената“, Милош Соколиќ – „Име во идно време“, Маја Мојсова – „Ајта“ и Даниела Андоновска Трајковска – „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните 4 збирки: Дарија Јовановска – „Протекување“, Бојан Димовски – „Гареж од метафори“, Васја Мицковски – „Патот дома“ и Марија Велинова – „Штрингла“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.Во следното соопштение, жири-комисијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“, кои традиционално се доделуваат во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски.

Македонски


