
Промоција на капиталното публицистичко дело на познатиот музички новинар на еден од најзначајните музички фестивали во Југоисточна Европа
На 14 август, во рамките на овогодишното издание на престижниот фестивал „Нишвил“, своја промоција имаше книгата „Прес анд Плеј“ („Press and Play“) од истакнатиот македонски музички новинар и публицист Ненад Георгиевски. Промоцијата се одржа во импозантниот амбиент на Нишката тврдина, во срцето на еден од најзначајните и најуспешни музички фестивали во Југоисточна Европа.
Претставувањето на ова капитално издание пред фестивалската публика на „Нишвил“ е исклучителна можност македонската музичка сцена, нејзините автори и нејзините достигнувања да добијат дополнителна меѓународна видливост.
„Прес анд Плеј“ е книга на англиски јазик составена од рецензии на албуми, концертни настапи и фестивалски изведби на македонски уметници, кои Георгиевски ги објавувал во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) во период од две децении.
Книгата е своевиден калеидоскоп од таленти, идеи, музички визии и дела кои оставиле длабок белег врз македонската музичка култура и нејзиното присуство надвор од границите на земјата. Преку критичкиот и аналитички пристап на Георгиевски, публикацијата ги истражува амбициите и достигнувањата на домашните уметници – од нивната инспирација и оригиналност, до визуелните решенија и дизајнот кои придонесуваат за нивната препознатливост на глобалната сцена.
Во „Прес анд Плеј“ се опфатени критички осврти за делата и творештвото на Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и Стринг Форсис, „Љубојна“, како и за значајни фестивали и македонски концертни настапи реализирани во земјата и странство.
Преку оваа селекција, „Прес анд Плеј“ ја претставува македонската музичка сцена како уникатен спој на традиционални и современи елементи, истовремено нудејќи му на меѓународниот читател вреден и редок извор на информации за богатството, разновидноста и креативниот потенцијал на македонската музичка култура.
Изборот на „Нишвил“ како домаќин на промоцијата има особена симболика и тежина. Основан во 1995 година, фестивалот „Нишвил“ со текот на годините прерасна во вистински бастион на џез-културата во регионот и пошироко. Благодарение на својот квалитет, програмска разновидност и уникатна енергија, фестивалот е вброен меѓу десетте најдобри џез-фестивали во Европа според престижниот британски весник „Гардијан“.
Од своите почетоци до денес, „Нишвил“ функционира како мултижанровска платформа која ги поврзува светските музички ѕвезди со регионалните авангардни и иновативни уметници, создавајќи простор за размена на идеи и култури во уникатниот амбиент на историската Нишка тврдина.
Авторот Ненад Георгиевски, добитник на наградата за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“ за 2023 година, зад себе има долгогодишна посветеност на музичката публицистика и е автор на уште четири книги од оваа област – „Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“ и „Ретки птици“.
Со „Прес анд Плеј“, Георгиевски продолжува да ја гради својата мисија – македонските музички автори и креативци да добијат заслужено место во меѓународниот контекст. Фактот што книгата ќе биде претставена токму на „Нишвил“, пред публика од регионот и пошироко, претставува уште една потврда дека музиката, критиката и пишаниот збор можат да ги надминат границите и да го постават квалитетот во центарот на вниманието.
Промоцијата на „Прес анд Плеј“ на „Нишвил“ затоа не е само промоција на една книга, туку и претставување на две децении македонска музичка креативност пред меѓународната публика – сведоштво за сцената која има што да каже, што да понуди и што да остави зад себе.

Македонски


