
Полициски службеници вчера привеле 36-годишен жител на Струмица, откако во автомобилот што го управувал биле пронајдени седум мигранти, информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, Д.К. (36) од Струмица бил лишен од слобода во 19:30 часот, во близина на крстосницата на локалниот пат Богородица – Гевгелија со регионалниот пат Гевгелија – Богданци.
При контрола на автомобил „фиат стило“ со австриски национални ознаки, управуван од Д.К., полицијата пронашла седум мигранти – четворица државјани на Пакистан, двајца на Авганистан и еден на Турција. Со дополнителните проверки било утврдено дека регистарските таблички му припаѓале на возилото, но дека 36-годишниот струмичанец управувал без возачка дозвола.
Од МВР наведуваат дека тој е осомничен за кривични дела по членовите 418-б, 378 и 297-а од Кривичниот законик. За случајот бил известен јавен обвинител, додека мигрантите биле пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.
По целосно документирање на случајот, против Д.К. ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти МВР.

Македонски


