Skip to main content

Ангелов: Проблемот со водата во Гостивар е поради пропусти на локалната власт што траеле со години

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов на прес-конференцијата на која беше соопштено дека водата од водоводниот систем во Гостивар е безбедна за пиење и може да се користи за сите потреби, оцени дека со проблемот со водата институциите успешно се справиле, нагласувајќи дека тој настанал поради пропусти на локалната власт и кои траеле години наназад.

– По избивањето на епидемијата, од страна на Главниот штаб за управување со кризи веднаш е покрената кризната состојба којашто беше прогласена од Владата на територијата на Гостивар. Покрај Главниот штаб, вклучени се стручни лица, вклучени се и три сертифицирани, акредитирани лаборатории коишто имаат и акредитирани методи на земање на примерок од водата – рече Ангелов.

Тој истакна дека во работата на штабот стручна помош давале и ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје, Институтот за јавно здравство – Скопје, Центарот за јавно здравје – Тетово, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, ДЗС.

Неговата оценка е дека проблемот со водоснабдувањето во Гостивар бил отстранет во најкус можен рок.

– Нашата цел не беше да брзаме, нашата цел беше тогаш кога водата ќе биде сигурна и безбедна за пиење, забраната да биде тргната, рече првиот човек на ДЗС.

Според него, најголем предизвик било чистењето на цевководот, кое било спроведено со хлорирање со единица до еден и проверки на водата од заостанти бактерии и нивно ширење низ системот.

– Сметам дека апсолутно успешно се справивме со оваа криза. Морам да кажам дека и соработката со локалниот општински штаб беше на највисоко ниво, бидејќи заборавив да ја кажам во набројувањето, рече Ангелов на прес-  конференцијата во Гостивар

Зуди Џелили, член на Централниот кризен штаб и раковител на локалниот штаб во Гостивар рече дека оваа криза била сериозен предизвик за градот, но оти истовремено покажала дека кога институциите соработуваат и дејствуваат одговорно, професионално и посветено, и најтешките предизвици можат да се надминат. 

Џелили посочи дека во справувањето со кризата била особено важна и соработката со Централниот кризен штаб, експертите, владата, државните институции, општините, општествено одговорните организации и донаторите. Според него во изминатиов месец соработката, придонесот и посветеноста биле на највисоко ниво. Тој оцени дека локалниот кризен штаб бил фокусиран на координација на активностите на терен и пред сè, на обезбедување поддршка за граѓаните во периодот на кризата.

– Денес најважно е што оваа криза завршува со добра вест за граѓаните на Гостивар: водата од градскиот водовод е безбедна за пиење и граѓаните можат нормално да ја користат, потенцира првиот човек на Локалниот кризен штаб. 

Првиот човек на центарот за јавно здравје Тетово, Шаќир Зулбеари, каде се прават испитувањата на водата во гостиварскиот водовод, во одговор на новинарско прашање посочи дека врз основа на договор, оваа институција врши на годишно ниво по 800 анализи на мостри, по 400 за Гостивар и исто толку за Тетово.

– Тие резултати, сите доставени се каде што треба да се достават и до Министерство за здравство. Овие се од национална програма. А другите анализи што се вршат, на пример има општини што немаат воопшто договор со нас. И ние не можеме да вршиме контроли на водата без дозвола на јавните претпријатија – изјави Зулбеари.

Тој не даде директен одговор на новинарското прашање какви биле резултатите пред прогласувањето на кризната состојба во Гостивар, бидејќи како што кажа тоа го прават професионалци.

– Јас сите резултати не ги знам, има професионални луѓе. Што значи ние како директори немаме влијание врз резултатите. Професионалните луѓе земаат примероци на вода, тие ги читаат и кога гледаат дека нешто не е добро, тие реагираат. Што значи, кога требало да се реагира, секогаш се реагирало. Што значи сите резултати доставени таму каде што треба и таму се – рече Зулбеари

Поврзани вести