
На 37. Меѓународен филмски фестивал во Љубљана (LIFFe), режисерката Косара Митиќ ја прими наградата Kingfisher за македонскиот филм „17“, македонски кандидат за Оскар. Наградата ја доделува главниот спонзор на фестивалот (Telekom Slovenije) за најдобар филм во натпреварувачката селекција „Перспективи“, по избор на меѓународното жири.„17“ во Љубљана ја освои и наградата ФИПРЕСЦИ од меѓународното жири на филмски критичари.
Во своето образложение, жирито напиша:
„Болката и осаменоста што ги носи доаѓањето на овој свет, а потоа и растењето без некој да ти го покаже патот, обележуваат цела генерација млади луѓе, во голема мера препуштени самите на себе. Нивниот осамен пат, исполнет со гнев и очајнички повик за помош, ја носи симболичната тежина на едно општество во распаѓање.
Раскажан од перспектива на тинејџерка, филмот е мајсторско остварување. Тој се доживува со целото битие: интимните крупни планови го вовлекуваат гледачот во бурниот свет на девојката и му овозможуваат да го почувствува со сета негова силина. Приказната за растењето прераснува во експлозивна, катарзична одисеја што останува во сеќавањето долго по одјавната шпица. Емотивниот впечаток е длабок, а актерската игра е брилијантна. Секој миг делува неминовен, а филмот уште од самиот почеток ве вовлекува во својот вртлог. Сурово, потресно филмско патување што целосно ве обзема.
Агенцијата за филм на Македонија, која го поддржа филмот, им честита на Косара Митиќ и на целата екипа.

Македонски




