Skip to main content

Сè помалку деца во семејствата: Во Македонија речиси две третини од семејствата се без деца

Freepik

Речиси две третини од семејствата во Македонија немаат деца. Според податоците на Евростат за 2025 година, од вкупно 595.600 регистрирани семејства во земјава, 393.400 или 66,1 отсто се без деца, додека 202.200 семејства, односно 33,9 отсто, имаат издржувани деца.

Иако и во Европската Унија доминираат семејствата без деца, каде што нивниот удел достигнува 76,6 отсто, Македонија има значително поголем процент на семејства со деца во споредба со европскиот просек.

Просечниот број деца по семејство во земјава изнесува 0,60, што е за 25 отсто помалку во однос на 2015 година, кога просекот бил 0,80. Од друга страна, просечната големина на семејството во Македонија е меѓу 3,1 и 3,2 члена, што е над просекот на ЕУ од околу 2,3 члена.

Трендот на намалување на семејствата со деца е особено изразен во Европската Унија. Нивниот удел од 26,9 отсто во 2010 година се намалил на 25,9 отсто во 2015 година, 25 отсто во 2020 година, за во 2025 година да достигне 23,3 отсто. Тоа значи дека речиси осум од десет семејства во ЕУ немаат деца.

Во последната деценија се зголемува и бројот на домаќинства составени од едно возрасно лице без деца. Нивниот удел во ЕУ пораснал од 33,6 отсто во 2015 година на 37,5 отсто во 2025 година. Наспроти тоа, семејствата составени од парови со деца бележат пад – од 16,6 на 14,7 отсто.

Меѓу земјите членки на ЕУ, најголем удел на семејства составени од парови со деца има Словачка со 20,3 отсто, пред Кипар со 19,6, Чешка со 18,4 и Луксембург со 18,3 отсто.

Самохраните родители, односно семејствата составени од едно возрасно лице со деца, сочинуваат три отсто од семејствата во ЕУ. Најзастапени се во Естонија со 9,4 отсто, Летонија со седум и Ирска со 6,9 отсто.

На спротивниот крај се семејствата составени од едно лице без деца, кои се најзастапени во Литванија со 62,5 отсто. Следуваат Естонија со 53,8 и Финска со 47,9 отсто.

Поврзани вести