Skip to main content
MPCP4pT4Nog

Апсењата кај нас се како спортски риболов- фаќаш, се сликаш, пушташ

Ни сексот не може да се предвиди толку добро колку сервилноста на Филипче кон Радев. Вака за домашен терен би се превела изјавата на албанскиот премиер Еди Рама кој рече дека само три работи не може да се предвидат, а тоа се сексот, бог и Европската унија. Да, по самитот во Тиват станува јасно дека ЕУ не знае што да прави со Западниот Балкан па смислува некаков постепен, придружен прием во Унијата без право на глас, односно некаква лајт варијанта, иако тоа не постои во статутот на ЕУ. Бирократите од Брисел ова го прават не дека многу не сакаат туку и нив им е незгодно Балканот да го држат надвор од ЕУ а таму да влезат Украина и Молдавија, коментира авторот на ТВ Колумната „5 минути со Чавез“.

Украина која е во војна а Молдавија која не ја контролира во целост ни својата територија. Е тие се во преден план. И во таква ситуација, кога народски кажано не се знае кој пие кој плаќа во Брисел, Филипче запнал по секоја цена да ги ставиме Бугарите во Уставот за да сме почнеле преговори со ЕУ. За да му удоволи на Радев. Па уште и на Конгресот најави притисок за јасен план за ЕУ и обединување на прогресивните сили. Бре бре бре…

Ако ова се прогресивните сили на СДСМ тешко нас. Погледнете ги овие ликови. Кој од кој непознат. Па уште облечени во црно како во филмот Викенд на мртовци. На што се сведе СДСМ под водство на Филипче.

Венко на конгресот порача дека СДСМ ќе остане на страната на обичниот човек и на работникот .

Не е за смеење. Вистинска порака дека Венко ќе се бори за обичниот човек и за работникот е кога тој работник гледа како тера бизниси со Заев во Дубаи или кога плови со бротчето по Грција како капетан беле лаѓе. Со вакви лидери, бродот од Бихаќка ќе се насука на следните избори.

СДСМ

Пред неколку дена Република објави Филипче е опасно влезен во српски филм. Ама од тие лошите филмови. Знаете дека Венко има некаков Фронт за вистина и правда? Ви се враќаат филмовите од Шарената револуција кога другар му Зоки мафташе со снимки наречени вистината за Македонија. Е сега Венко сонува за истото сценарио. Гладен Венко власт сонува, па дури и логото го позајмил од српски Отпор. Ама не е само Отпор. За да се прикаже дека има поддршка во регионот Венко органираше некаква конференција наречена скопска иницијатива. Господ знае што е тоа. Е таму за специјален гостин беше повикан Борко Стефановиќ од опозициската партија за правда и развој на српскиот тајкун Драган Џилас. Тој Борко дури и измисли дека на некој собир му ја искинале кошулата па организираше протест наречен „Стоп на крвавите кошули“. Венко, Венко во лошо друштво си упаднал.

Ја знаете новата мода на македонските политичари да ја ставаат јакната на рацете да не им се видат лисиците кога ги апсат. Како од Фешн Тиви се . Првата модна линија од оваа колекција наречена „Шутка витаут хенд“ ја промовираше Артан Груби а сега и Стефан Богоев. Манекени. У реду е ,не приметивме дека имате лисици.

Да, во ќорка ,додуша на кратко заглави и Стефан Богоев, за нерегуларности при тендер додека беше директор на Царина за наводно добил скромна награда од две иљади евра,. И оп понуди гаранција од 55.000 евра и сега наместо во Шутка си замина дома. Добро бе Богац што е таа пара за тебе. За 55.000 евра ли ќе се резилиш. Одлежи во Шутка малку биди маж, не си ти Артан Груби. Ете и другар ти Боки 13 полежа таму па ништо не му е. Се пролепша. Да ја цитирам твојата сопруга-сега митото нека ви ги рани децата, нека ве шета и нека ви ги плаќа сметките…

Среќен роденден Кингу од Чаир. Па догодина јубилеен пеести на слобода. Да, Артан Груби три месеци откако се предаде нема дадено исказ за криминалот со другар му Прпарим во Државна лотарија која беше претворена во приватна фирма на ДУИ. За обвинение пак да не правиме муабет. Обвинителство, лабаво, не се брзајте, Артан е на сигурно, само Чаир е често досадно место, треба ли Артан да отиде на чај во чаршија, да се повози со колата што ја зема од другар му бидејќи нема своја. Ич не ви е жал за ваков кадар кој до пред две години беше главен и во ДУИ и во СДСМ. Апсењата во Македонија се претворија во спортски риболов, фаќаш, се сликаш, пушташ.

Поврзани вести