Skip to main content

„Македоника литера“ го објави првиот дел од патописот од руските автори Иљја Иљф и Еевгениј Петров „Приземна Америка“

„Македоника литера“ неодамна го објави првиот дел од патописот од руските автори Иљја Иљф и Еевгениј Петров „Приземна Америка“, во превод од руски јазик на Маја Белева.

Иљф и Петров заедно напишале романи, патописи, сценарија, есеи, водвиљи…, а едно од најпопуларните дела на овој тандем е оваа патописна книга. „Приземна Америка“ е оценет како маестрален патопис и како патопис за сите времиња. Тоа е патопис од нивното заедничко патување по Соединетите Американски Држави во 1935 година. Патувајќи како официјални советски писатели во Соединетите Американски Држави во времето на големата економска криза, Иљф и Петров, на свој карактеристичен духовит и сатиричен начин ги опишуваат своите искуства, доживувања и запознавање на американската култура и на начинот на живеење, не воздржувајќи се да ја критикуваат и американската реалност во 1930-тите и советските предрасуди за „декадентниот американски капитализам“.

Во триесеттите години на ХХ век високите советски раководители ги испратиле овие двајца големи сатиричари и писатели во службена посета и да пишуваат патописи со кои на советските читатели ќе им „ја откријат“ тогаш недоволно познатата Америка, срцето на капитализмот, зафатен со големата економска криза. Очекувале жестока критика и разорна сатира за „декадентниот капитализам“, но тие испишале брилијантни патописи и на духовит и сатиричен начин ги опишуваат своите искуства и запознавање со американската култура и начин на живеење, не воздржувајќи се да ја критикуваат и американската реалност на 1930-тите и советските предрасуди за САД. Ја виделе и опишале висококатната, но ја виделе и еднокатната, приземна, Америка.

Во септември 1935 година, како дописници на весникот „Правда“, Иљф и Петров, отишле во Соединетите Американски Држави во времето на претседателот Франклин Рузвелт, кој придонесол за зближување на САД и СССР. Ова им овозможило на овие двајца автори слободно да се движат низ земјата и да го запознаат подобро животот на различните слоеви на американското општество. Иљф и Петров во Америка престојувале три и пол месеци. Извадоци од книгата во подготовка најпрвин биле објавени во „Правда“ и во списанието „Огоњок“ (каде биле објавени и фотографиите од патувањето на Иљф), а потоа во целост патописите биле објавени во 1936 година во списанието „Знамја“, додека во 1937 г. биле објавени како посебна книга.

Во советскиот период, книгата била повторно објавена во 1947, 1961 и 1966 година, но во тие изданија текстот бил предмет на политичка цензура. Така, исчезнале референциите за Сталин и за други политички фигури од текстот. Текстот претрпел особено многу промени кога бил објавен во Собраните дела на Иљф и Петров во 1961 година. На пример, упатувањето на преселбата на Чарлс Линдберг од Америка во Европа по киднапирањето и убиството на неговиот син, што било поврзано со подоцнежната соработка на Линдберг со нацистите, исчезнало.

Всушност, по 1947 година, а со почетокот на кампањата за „борбата против додворување на Западот“ и антиамериканската насока на советската надворешна политика, книгата била отстранета од јавноста и ставена во посебен магацин. За цитирање на книгата или на нејзини поединечни фрагменти, луѓето биле испраќани во логори под изговор за „контрареволуционерна пропаганда или агитација“. По смртта на Сталин во 1953 година, за време на Хрушчов, книгата повторно се појавила во јавноста, исто како и другите дела на Иљф и Петров.

Тешко е да се каже што точно ги мотивирало високите советски раководители да ги испратат овие двајца писатели, врвни сатиричари, во срцето на капитализмот. Веројатно очекувале злобна и разорна сатира за земјата на „кока-кола“, но резултатот бил сериозна, коректна и добронамерна книга. Таа предизвикала голем интерес кај советските читатели, кои дотогаш речиси немале поим што се Соединетите Американски Држави.

Евгениј Петрович Петров (1902 – 1942, вистинско презиме – Катаев) е руски советски писател, сценарист и драматург, новинар, воен дописник.

Иљја Арнољдович Иљф (1897 – 1937) е руски писател, драматург, сценарист, фотограф и новинар од советско време, напишал значаен дел од својата проза во соработка со Евгениј Петрович Петров, исто така писател, сценарист, драматург и новинар, вклучително и романите „Дванаесет столчиња“ (1928) и неговото продолжение „Златното теле“ (1931), патописната книга „Приземна Америка“, како и голем број филмски сценарија, збирките со новели „Илјада и еден ден“ или „Нова Шехерезада“ (1929) и „Невообичаени приказни од животот на градот Колоколамск“ (1928 – 1929), есеи и водвиљи.

Делата на Иљф и Петров се преведени на десетици јазици, имале многу препечатувања и постојано се снимале или се снимаат филмски адаптации и се поставуваат на сцена. И двајцата творци, успешни во повеќе творечки сфери, се меѓу најпознатите сатиричари во словенските литератури.

Поврзани вести