
Маја Крстевска е долгогодишен кустос, а во моментов е програмски директор на Националната галерија на Македонија. Повеќе од три децении е дел од тимот на оваа институција, а еден период беше и директорка на Националната галерија и за тој период ќе рече дека главен фокус и бил зголемување на збирката.
Националната галерија на Македонија претставува комплексна музејска институција со изложбен и галериски простор. Во Даут-пашин амам, монументален објект изграден со намена за турска бања, изградена во 15 век, која никогаш не профункционирала за својата примарна намена, сместена е Националната постаква, со дела од колекцијата. Во својот состав, покрај Даут-пашин амам, се уште три објекти: Мултимедијалниот центар Мала станица, Чифте амам и Спомен куќата на Лазар Личеноски.
Инситуцијата е основана во 1948 година, најстарите содржините на музејот датираат од 14 век, а во својата колекција го има најдоброто од творештвото на македонските автори, но и значајни дела од уметници од просторите на поранешна Југославија.
Со Крстевска разговаравме за проектите кои ќе се реализираат во 2026 година, предизвиците, одржување на депоата, вработувањата, гостувања, регионални проекти…
Националната галерија на Македонија, основана во 1948 година, е најстара ликовна институција од ваков тип во Република Македонија. Во моментов Вие сте програмски директор во Националната галерија, па кажете ни што предвидува програмата за оваа година?

Националната галерија постои од далечната 1948 година и навистина е интересен фактот дека осумдецениското постоење на институцијата ќе се совпадне со Скопје 2028 година-град на културата каде ние како институција ќе имаме забележително учество со нашите програмски активности.
Работам повеќе од три децении во оваа институција и навистина ми е чест да бидам дел од овој тим бидејќи еден од основачите, како што знае пошироката публика е основоположничката генерација на нашите современи македонски сликари Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Пандилов, Борко Лазески и Димо Тодоровски, а јас сум директен потомок на Лазар Личеноски и комплимент ми е да го продолжам неговото дело.
Потпишавме меморандум за соработка со Музејот на современ уметност од Белград и Жарко Башески ќе биде гостин во МСУ, а за 2027 година се предвидува гостување на уметник од Република Србија да гостува во Националната галерија. Се работи за институција од светски размери каде гостуваат светски имиња.
Она на што ќе се фокусираме во 2026 година се пред се изложбите во нашите македонски културни центри во Загреб, Белград, Истанбул, Софија и во Њујорк. Професорката Жанета Вангели годинава ќе изложува во Загреб, Белград и Софија, додека во Њујорк своите дела ќе ги претстави Синиша Новески.
Годинава ќе одбележиме 100 години од раѓањето на Никола Грабуловски Грабул. Планирана е изложба во Даут-пашин амам. Ќе реализираме ретроспективна изложба на Ванчо Георгиев, на Кочо Фиданоски, изложби од колекцијата, но и продолжуваме со конзервација на спомен куќата на Лазар Личеноски. Фокусот е на 122 слики дадени во оставинската постапка и етнолошката зборка и библиотечниот материјал. Конзерваторскиот завод е задолжен за самиот објект. Планираме наскоро да ја видиме отворена.
Страда бруталисима со која бевме на Венециско биенале ќе биде претставена и кај нас, изложба Портрети и автопортрети од колекцијата на Национална галерија, Омаж на Јован Петров, повеќе истражувачки проекти, печатење на монографија на Жанета Вангели, изложба на Милан Андов, на Филип Коруновски, истражувачки проект на Драгутин Аврамовски Гуте., ретроспективна изложба на Ирена Паскали, 40 години творештво на професорот Фехим Хусковиќ, а во преговори сме за вмрежување со сродни институции од регионот.
Основањето на Уметничката галерија во Даут Пашин амам претставува одговор на потребата, ликовната сцена во Република Македонија да биде збогатена со стручна институција во смисла на афирмирање и презентирање на македонската современа ликовна уметност. Извршена е реставрација и адаптација на објектот за таа цел. Во каква состојба е во моментов галеријата?
Националната галерија располага со 4 објекти: Даут-пашин амам, Чифте амам, Мала станица и Спомен куќата на Лазар Личеноски. Сите тие објекти навистина изискуваат тековно одржување и таквите предизвици ги надминуваме преку спонзори. Би ги истакнала во моментов ЕВН Македонија кои ни помагаат околу одржувањето на објектите. И Чифте-амам и Даут-пашин амам како споменици на култура подлежат на голема влага. Дојдоа конзерватори од Грција и од Турција, а и Државниот архив ќе ни помогне околу одржувањето на овие споменици на културата. Во моментов можам да кажам дека Даут-пашин амам е загрозен. Добивме писмо од Конзерваторски завод дека е споменик на култура што е под ризик, што подразбира дека објектот ќе продолжи да работи, но Министерството за култура и туризам ќе ги санира. Веќе е обезбеден буџет за санација.
Збирката на Националната галерија денес брои над 1600 дела. Каде се сместени овие дела? Дали депоата се во добра состојба? Потребно ли е нивно осовременување?
Збирката на Националната галерија веќе брои над 2.000 експонати. Формирана е во 1948 година, кога од сите републики на поранешната држава биле купени дела од сите позначајни уметници. Така што навистина збирката е импозантна. Таа се збогатува низ годините. Порано ние ги откупувавме делата и секој уметник по завршувањето на изложбата ни отстапуваше по едно дело што мислам дека е одлична пракса-делото на тој уметник да биде застапено во збирката на Националната галерија на Република Македонија. Откупите и понатаму продолжуваат, но сега тоа оди преку Министерството за култура. На пример, уметницата Жанета Вангели минатата година ни отстаи три дела, што е навистина реткост. Има и такви кои не сакаат да отстапат, едноставно не сакаат да се одвојат од делото.
Што се однесува до депоата, тие подлежат на временските непогоди. Имаме депо во Мала станица, во Чифте-амам и депо во Даут-шапин амам. Сите бараат тековно одржување и ние како институција секоја година поднесуваме до Министерството за култура барање за сретства за одржување на влагата, значи внимаваме, но секако треба повеќе грижа да се посвети на тоа. Овде работи исклучиво кураторски тим и тие се исклучиво за одржување на поставката, а не на депоата, но се трудиме да бидат обезбедени со 24-часовно обезбедување и човечко и мониторинг систем, бидејќи сепак се чува националното богатство на Република Македонија.
Покрај основната дејност, Галеријата со своите три изложбени објекти, својата активност последните години ја прошири и со други културни дејности: концерти, стручни предавања, камерни театарски претстави, промоции на книги и др. Колку сите овие активности се предизвик за вас?

Од Министерството за култура добиваме насоки сами да си го зголемуваме буџетот што е нормално и со тоа се мотивираме да изнаоѓаме финансии. Сите овие настани, за кои ги изнајмуваме просторите претставуваат добробит и за нас бидејќи покрај финансиската корист остваруваме контакти кои потоа прераснуваат во пријателства. Еве на 12 март ќе имаме изложба од Австрија, тројца австриски уметници, а реципроцитетно се планира следната година Национална галерија да изложува дела во еден од музеите во Виена кои се на рамниште на Национална галерија.
Националната галерија има стожерно место во македонската ликовна уметност, како средиште кон кое гравитираат творците и сите љубители на ликовната уметност. Задоволни ли сте од посетата на изложбите? Дали имате впечаток дека се привлекува помлада публика?
Националната галерија има едукативно одделение кое е формирано пред 15 години. Моите колеги работат интензивно со помладата публика. Кога ќе заврши некоја изложба, тие следните две недели работат со деца од претшколска возраст, деца од основно и средно образование, додека студентите од ФЛУ се редовни посетители со нивните професори. Едукацијата се одвива како во сите светски музеи. Застануваат пред една слика, колегите работат со нив, а некогаш им организираме и изложби од нивните цртежи. И годинава го реализираме проектот „Заедно со децата одбележуваме значајни датуми“.
Што се однесува до посетеноста задоволни сме од продажбата на билети и морам да истакнам дека најмногу Чифте-амам е актуелен. Тој објект е некако најатрактивен за публиката и најпосетен. За Мала станица имам идеја да се анимира како во минатото кога имаше книжарницата, кафуле итн…Би сакале да ја освежиме, но тоа не зависи од нас.
Потекнувате од семејството на Лазар Личеноски. И самата сте историчар на уметност, долгогодишен кусос…Сметате ли дека ликовната уметност го има местото кое го заслужува во општеството?
Мислам дека повеќе треба да има заложба од сите мои колеги, историчари на уметност да се фокусираме ликовната сцена да добие поголема тежина. Трева почесто да се состануваме, а не секој индивидуално да се работи. Само со тимска работа ќе добиеме поголема видливост и она на што јас би сакала да се фокусираме во националната галерија е да ја освежиме збирката бидејќи збирката е од 2000-та година и време е тоа да се стори.
Во моментов недостига театарска, филмска книжевна, но и ликовна критика…Како да се надминат ваквите состојби?
Пред се треба да се надминат суетите. Сметам дека сите треба да седнеме на маса и да си ги претставиме идеите и предлозите и самите таа ликовна критичка сцена да ја подигнеме на повисоко ниво.
Дали сте кадровски добро екипирани? Дали можеби некаде недостига кадар?
Доста колеги заминуваат во пензија. Имаме неколку помлади колеги-двајца се конзерватори еден историчар на уметност кои се примени изминативе месеци. Беа на договор на дело и ги обучувавме изминативе месеци, но сега добија и решенија за работа. Со нив ќе се подмлади кадарот, би требало да се пополнат празнините, но секако дека треба повеќе стручен кадар и техничка поддршка, одржување на депоата, музејски техничари, хигиеничари… Постојано добиваме пофалби откако ќе се реализира некоја изложба дека техничкиот персонал во Национална галерија е најдобар во цела Македонија, но мора да се подмладува. Има студенти, се едуцира кадар, но тешко оди со вработувањата. Од друга страна радува фактот што многу од студентите сакаат да волонтираат, што и нас не радува бидејќи тоа е непроценливо искуство.

Даут пашин амам и Чифте амам често се високо на мапата за посета на туристи. Колку преку ликовната уметност се придинесува за унапредување на туризмот во земјава? Има ли некакви проекти за привлекување туристи?
Даут пашин амам уште од основањето е дел од претседателската тура. Кога доаѓаат највисоки претставници, гости на претсесателскиот кабинет, сопругите го посетуваат Даут пашиниот амам. Цел дипломатски кор кога доаѓаат во посета на листата ги имаат Чифте амам и Даут пашин амам. Колегите постојано не информираат дека Чифте амам едноставно е мета за туристи.Објектот архитектонски се издвојува, а спојот со Национална галерија е дополнителна вредност. Двата објекта е исклучително атрактивни, има посета и верувам дека ќе биде вклучен во Скопје град на културата 2028.
Разговараше: Невена Поповска
фото: Република

Македонски

