
Можеби најголемата заблуда во македонската политика е уверувањето дека кадровските промени автоматски значат и промена на политиката. Таа илузија постојано е присутна на македонската политичка сцена. И, еве повторно ја гледаме во режија на СДСМ со изборот на „новото“ раководство предводено од Венко Филипче. Тука не заостанува ниту ДУИ, но тие се друга приказна која заслужува посебен осврт.
Додека јавноста се занимава со имиња, функции, позиции и внатрепартиски превирања кои што го преокупираат нејзиното внимание, суштинските прашања остануваат на маргините. Дали СДСМ знае што е денес, и што сака да биде утре? Дали во СДСМ сѐ уште егзистира и функционира социјалдемократската идеолошка матрица, или тие се сосема дезориентирани без јасна дефиниција на сопствениот политички идентитет?!
Ова се суштинските прашања кои се однесуваат на најголемата опозициска партија, кои дополнети со кадровските решенија на Венко Филипче, ја збунуваат јавноста и наметнуваат впечаток дека таму нешто не штима. Разбирливо е во вакви услови вниманието на политичката јавност да се фокусира на персоналните решенија на Венко Филипче, но многу посуштествено е доколку вниманието на целото заинтересирано општество се фокусира на идеолошката и идентитетска вредност на оваа партија, која според сопствената идентификација го пополнува левиот центар на македонската политичка сцена.
Кризата на СДСМ не е само персонална, односно кадровска, таа е идеолошка, идентитетска и вредносна. Во изминатите години СДСМ формално остана социјалдемократска партија, но суштински се трансформираше во криминално ориентиран либерален политички проект, без јасна идеолошка матрица. Политиката се сведе на менаџирање на кризи, спроведување на надворешни агенди и одржување на кревки коалициски баланси, додека социјалната правда, економската еднаквост и работничките права останаа декларативни флоскули.
Партијата на Филипче е социјалдемократска партија без социјалдемократија. Тоа не претставува проблем само на нивното тесно раководство, туку на целокупното членство, лево ориентираното гласачко тело, како и на целиот идеолошки спектар и демократски амбиент во државата. Токму затоа, суштинските аномалии не можат да се решат со кадровско ребрендирање, кое на крајот од денот не е ни ребрендирање, туку класично рециклирање на веќе потрошениот кадар. Состојбите во една сериозна политичка партија не можат да се подобрат со обид за маскирање на поразот преку фиктивно ребрендирање и козметичка операција на истиот кадровски материјал.
На овој начин СДСМ се претвора во една обичен апарат за рециклажа на амортизирани кадри, кои на политичкиот пазар ги продава како нови и неупотребувани. Всушност, и самиот Филипче е рециклиран и како таков доведен на чело на СДСМ. Тој доаѓа токму од тој политички контекст. Рециклиран „социјалдемократ“ од криминално ориентираниот либерален политички проект на Заев. Неговото искуство и начин на функционирање се управувачки, а не идеолошки. Тој е производ на периодот во кој СДСМ фактички ја напушти социјалдемократијата и се префрли на елитистички курс, сервилно ориентиран и разбирлив само за одредени меѓународни партнери, кои партнерството го доживуваат како диктат, а не како начин на соработка. Филипче е продукт на политика која е одалечена од сопственото гласачко тело, а уште поодалечна од останатото огромно мнозинство на македонскиот народ и македонските граѓани.
Оттука, се поставува логичното прашање, како може истата идеолошка матрица на криминално ориентираниот либерален политички проект, да произведе различен резултат?
Една од најдлабоките девијации на СДСМ е односот кон сопственото членство и гласачко тело. Наместо активен политички субјект, членството е сведено на публика која што аплаудира на однапред донесени одлуки. Тоа не е само организациски проблем, туку идеолошки како што веќе рековме. Социјалдемократијата по дефиниција подразбира вклученост, внатрешна демократија и конфликт на идеи.
Реакциите од внатре, без разлика дали доаѓаат од Шилегов, Богдановиќ или од помалку експонирани партиски структури, се симптом на таа длабока фрустрација и отсуство на дебата. Дури и кога Фрчковски зборува за отсуство на идеолошка дебата во рамки на целокупното општество, тој всушност, со намера или не, во подтекстот укажува на тоа дека СДСМ одамна престанал да биде сојуз, дека дебатата не постои и дека партијата се претворила во еден обичен апарат. Ваквиот систем може да функционира некое време, но без идеја и идеологија тој неминовно ќе остане без смисла за сопственото постоење.
Една од клучните причини за губењето на довербата кај значаен дел од гласачите, е начинот на кој СДСМ се справуваше и сѐ уште се справува со националните и идентитетските прашања. Наместо да изгради сопствен, јасен и вредносно втемелен наратив, партијата често делуваше и делува реактивно, дефанзивно и поданички.
Компромисите беа оправдувани како нужност, но никогаш не беа идеолошки артикулирани. Социјалдемократска партија не смее да бега од националните теми, туку мора да ги интерпретира низ призма на достоинство, солидарност и државен интерес. СДСМ тоа не го направи, при што не гледаме поместувања кои ќе ни укажат на тоа дека извлекле некаква поука, ниту пак сигнал дека ќе се случат позитивни промени. Резултатот од сето ова е создавање на идеолошки вакуум кој што лесно го пополнуваат други политички актери, како ЗНАМ и Левица.
Можеби најголемиот идеолошки грев на СДСМ е напуштањето на социјалната компонента. Паметиме кога во периодот на нивното владеење, социјалните разлики се продлабочуваа, кога инфлацијата ја нагризуваше вредноста на трудот и платите, а младите масовно ја напуштаа државата. Во тоа време челниците на СДСМ беа насочени кон вадење на златни визи за Дубаи. Сега во периодов, слушаме дека се насочени кон пласирање на сопствени инвестиции во Дубаи. Социјалната правда и сличните вредности се на дното на агендата на СДСМ. Дури во периодов сме сведоци и на прокси обид на СДСМ да преку Уставниот суд ја спречи владината мерка за линеарно зголемување на пензиите и какво такво анулирање на се поголемиот социјален јаз кој што се јавува кај различните групи на пензионери.
Социјалдемократијата не е ПР за постигнување на добри бројки на изборите. Таа е дел од демократската лепеза и, според нејзините следбеници, борба за праведно општество. Кога таа борба ќе исчезне од агендата, партијата ја губи својата причина за постоење. Во тој контекст, новото раководство не нуди ништо суштински ново. Нема најава за радикален пресврт, ниту пак насочување на фокусот кон работниците, земјоделците и пензионерите, а уште помалку кон заедничка одбрана на црвените линии на македонските национални прашања.
Реакциите од ВМРО-ДПМНЕ, иако очекувано политички обоени, имаат една сериозна предност. Тие доаѓаат од партија која моментално има јасна самосвест и идентификација на сопствениот идеолошки наратив. Без разлика дали некој се согласува со него или не, ВМРО-ДПМНЕ настапува како партија која што знае што претставува и кому се обраќа.
Спротивно на тоа, СДСМ делува како партија која што се плаши да се самодефинира. Партија која што хаотично и контрадикторно самата на себе лута од тема на тема. Нема конзистентност ниту континуитет во политичките ставови. На една иста тема, во еден период партијата презентира еден став, додека во друг политички контекст презентира сосема спротивен на претходниот. Тоа е најлошата можна позиција во политиката, каков што е примерот со темата за мигрантите која што вештачки ја отворија.
Пошироката јавност многу едноставно ја чита оваа состојба. Тоа за неа претставува доказ дека политичките елити во СДСМ не се подготвени за вистинска промена. Апатијата на гласачкото тело, која што доминира и беше сериозно изразена на последните локални избори, можеби не е само обична пасивност и незаинтересеираност, туку форма на тивок протест кон сериозните аномалии кои што постојат во СДСМ. На крајот од денот, кога граѓаните престануваат да очекуваат нешто од опозицијата, таа престанува да биде релевантна.

Македонски






