Skip to main content

Референдумот на Филипче – државничка идеја или компромитирање на процесот?

facebook.com/filipce.venko

Македонската политичка историја познава многу случаи во кои партиските лидери ненадејно отворале теми и давале предлози кои се на ниво на политичка коцка. Давале предлози кои што отворале перспективи, но и предлози кои буквално ги компромитирале и доведувале во опасност државните интереси и стратешки цели. Некогаш тоа не останувало само на предлог, туку било реализирано и имплементирано во македонскиот политички живот со сите свои предности или слабости кои што ги носи.

Деновиве повторно сме сведоци на еден таков предлог кој доаѓа од редовите на СДСМ. Предлог, кој дојде како гром од ведро небо, дефокусирајќи ја јавноста од суштинските теми кои се од нејзин непосреден и приоритетен интерес. Да, се работи за иницијативата на Венко Филипче за референдум околу евроинтеграциите на Македонија. За жал, уште веднаш мора да се каже дека оваа иницијатива припаѓа на онаа категорија која се дефинира како политичко хазардерство во кој влогот е државниот интерес и интересот на граѓаните.

На прв поглед, идејата звучи демократски. Народот да се изјасни за едно од најважните прашања за иднината на државата. Кој би можел да биде против тоа? Но политичките предлози никогаш не се анализираат само преку фасадата или убавото пакување на она што се нуди… или можеби подметнува. Тие се анализираат преку контекстот, преку мотивите и преку политичката тежина на оние што ги предлагаат таквите решенија.

Токму таму започнува проблемот!

Денес, СДСМ зборува за референдум како за врвен демократски инструмент. Тоа е истата партија и истата раководна структура, која во годините додека беше на власт тврдеше дека нема алтернатива на нејзините решенија. Тоа е истиот континуитет на екипите на Заев и Ковачевски кои ги носеа најконтроверзните одлуки поврзани со европскиот процес без да обезбедат вистински национален консензус. Тоа е истата партија, денес предводена од Венко Филипче, која бара од граѓаните да го решаваат проблемот што токму СДСМ го создаде.

Да бидеме реални,ако постои политичка структура која што има најмалку кредибилитет да зборува за нов почеток на евроинтеграциите, тоа е СДСМ.Македонија не влезе во денешната ситуација случајно. Таа е резултат на години погрешни проценки, нереални ветувања и политики кои наместо да ја зајакнат европската перспектива на државата, ја направија предмет на длабоки општествени поделби.

Првата голема компромитација на европската агенда се случи во времето на Заев непосредно по потпишувањето на Преспанскиот договор. Наместо да се создаде чувство дека Македонија сигурно чекори кон Европската Унија, кај огромен дел од граѓаните се создаде впечаток дека државата постојано прави отстапки, а за возврат добива нови услови, нови барања и нови неизвесности.

Прифаќањето на обврските за уставни измени содржани во Францускиот предлог, во времето на Ковачевски, беше втората компромитација и загрозување на македонските евроинтеграции. Овој предлог беше претставен како единствен излез и историска можност, без да се обезбеди консензус од македонските политички партии. Секој што поставуваше прашања беше прогласуван за противник на Европа. Секој што бараше дополнителни гаранции беше обвинуван дека ја кочи иднината на државата.

Денес, неколку години подоцна, гледаме дека скепсата на граѓаните не била случајна. Наместо затворање на спорните прашања, добивме нови дилеми. Наместо извесност, добивме дополнителни условувања. Наместо доверба во процесот, добивме рекордно ниска доверба во политичарите што го водеаза време на владеењето на СДСМ.

Затоа е сосема оправдано прашањето: дали референдумот што денес го предлага Филипче е навистина обид да се зајакне европската перспектива или ќе претставува трета и финална компромитација на евроинтегративниот процес на Македонија?!

Зошто сметаме дека овој предлог на Филипче ќе го бетонира застојот на македонските евроинтеграции?

Факт е дека СДСМ денес се наоѓа во една од најтешките политички позиции во својата понова историја. Поразите на изборите не беа случајност. Тие беа резултат на длабоко разочарување кај граѓаните. Наместо сериозна анализа на причините за тој пораз, јавноста повторно добива големи теми, големи зборови и драматични иницијативи поврзани токму со евроинтеграциите како стратешка цел на државата.

Токму таквиот СДСМ сега се обидува да наметне тема, па дури и да биде предводник на некаков фронт кој што ќе ја поведе Македонија кон Брисел. Тие не можат да освојат пет градоначалника, решиле референдум да прават.

Полноправното членство на Македонија во ЕУ е наша стратешка цел. Тоа е цел која во себе содржи исполнување на обврски и стандарди кои се нарекуваат критериуми од Копенхаген. Тоа е јасно и апсолвирано прашање веќе над триесет години. Во Македонија евроскептицизмот никогаш не бил посилен од настојувањето за членство во ЕУ, освен во моментите кога билатерализацијата на процесот наметната од поедини земји членки директно го нарушуваше процесот. Затоа не се потребни никакви референдуми за потврдување на оваа стратешка цел.

СДСМ и Филипче, во состојба во каква што денес се наоѓаат, не се способни да организираат, поведат и испорачаат резултат на референдум кој што може да ја потврди одамна зацртаната стратешка цел. Тие едноставно се нерелевантни, политички некредибилни и некадарни да мотивираат народ кој што треба да излезе и да гласа за нешто за кое што нема спор.

Предлогот за референдум е нивна политичка егзибиција со која сакаат да повратат дел од изгубената релевантност… и толку. Тоа што референдумот ќе биде трошење народни пари, губење време и дефокус од суштинските теми, и на крајот од денот, сигурен неуспех заради недоволната излезност која што СДСМ не може да ја испорача, за Филипче е ирелевантно. Тоа што неуспешниот референдум ќе означи крај на стратешката цел на државата за полноправно членство во ЕУ, за Филипче е неважен исход. Исходот е онолку неважен колку што им беше неважно кога во претходните две компромитации на ЕУ процесот ја самоблокираа државата.

Што сакаат сега? ВМРО да им го организира референдумот и да го испорача резултатот?

За ВМРО нема дилема дека членството во ЕУ е интерес на граѓаните и стратешка цел на државата. Нема потреба од исполнување на манипулативните желби на Филипче преку кои сака да ја поврати сопствената релевантност. Владата мора да биде фокусирана кон туркање на сите процеси напред и будна одбрана на националниот интерес кој што го загрозуваат билатералните блокади.

Европската Унија не смее да биде тема преку која една партија ќе се обидува да го врати изгубениот политички капитал. Националните интереси не се партиска сопственост која што кога сакаат можат да ја стават на коцка. Тие не се средство за собирање политички поени.

Ако СДСМ навистина верува дека народот сака референдум, тогаш патот е многу едноставен.Нека ги соберат потписите, нека излезат меѓу граѓаните, нека разговараат со луѓето по градовите и селата и нека ја побараат довербата што ја изгубија.

Но, ќе повториме, дури и да успеат да соберат 150 000 потписи, тие со оваа иницијатива повторно ќе го компромитираат евроинтегративниот процес како што беше образложено погоре во текстот. Тоа се наметнува како краен и дефинитивен заклучок од анализата на предлогот на Филипче.

Евроинтеграциите се преголема тема за да бидат заложник на дневната политика. Тие се поголеми од секоја влада, од секоја опозиција или политичка партија. Тие се прашање на иднината на државата.

Токму поради тоа е потребна максимална одговорност.

СДСМ веќе два пати сериозно го компромитираше европскиот процес преку начинот на кој ги водеше преговорите и преку политиките што создадоа огромна недоверба кај граѓаните.

Македонија не смее да дозволи трета компромитација.

Поврзани вести