Skip to main content

Четвртина век од откривањето на мегалитската опсерваторија Кокино во Старо Нагоричане

По повод големиот јубилеј, 25 години од откривањето на мегалитската опсерваторија Кокино, Старо Нагоричане, од 18 до 20 ноември, во организација на Националната установа Музеј Куманово, ќе се одржи третата Меѓународна научна конференција посветена на оваа локација. Годинава Музеј Куманово организира повеќе културни и научни настани, со најавено учество на триесетина истражувачи од Македонија, Франција, Италија, САД, Грција, Бугарија, Србија и Косово. Во рамките на јубилејната програма е предвидена и ретроспективна изложба посветена на 25-годишните археолошки истражувања.

Есента 2001 година, пред точно 25 години, археолози од Народниот музеј во Куманово, предводени од археологот Јовица Станковски, започнале со истражување на ридот Татиќев Камен, во близина на селото Кокино. Откритието што следувало ќе го вброи Кумановскиот регион меѓу најзначајните праисториски археолошки подрачја во Македонија.

Опсерваторијата Кокино се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија. Таа е поставена на врвот „Татиќев Камен“, на надморска висина од 1.030 метри, датира од 1800 г. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5.000 квадратни метри.археолозите пронашле остатоци од организирана човечка активност стара речиси четири илјади години.

Првичните археолошки ископувања откриле голем број фрагменти од керамички садови, фигурини, алатки, оружје и предмети од бронзеното време. Меѓу најстарите пронајдени предмети се оние што датираат од XIX век пред нашата ера. Истражувањата покажале дека локалитетот бил користен во период подолг од еден милениум, што сведочи за неговото исклучително значење за праисториските заедници кои ги населувале овие простори.

Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето. Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамноденица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември — изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени.

Посебно внимание кај археолозите привлекле природните пукнатини во карпите, во кои биле пронајдени остатоци од керамички садови и други предмети со обредна намена. Се претпоставува дека на ова место се изведувале религиозни обреди поврзани со плодноста, природата и култот кон Големата Богинка Мајка. Дополнителна димензија на откритието му дале истражувањата на македонскиот археоастроном Ѓоре Ценев, кој во карактеристичните карпести формации препознал можни астрономски маркери за следење на движењето на Сонцето и Месечината.

Според неговите истражувања, древните жители ги користеле природните и дополнително обработените карпести формации за определување на летната долгоденица, зимската краткоденица, рамнодениците и одредени лунарни циклуси. Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

Како резултат на истражувањата спроведени во ова наоѓалиште, пронајдени се над 500 килограми керамички садови, кои датираат од Бронзено доба, од 2000 г. п.н.е. до 1200 г. п.н.е., а кои биле донесени во чест на Големата Мајка. Пронајдени се керамички садови, цели и во фрагменти, храна, тегови, вретена, врвови од копја, калапи за копчиња, калапи за врв на копје, шила, стрели, ножеви, игли, бронзени секири, приврзоци, керамички фигури, и друго.

Иако астрономската функција на локалитетот и натаму е предмет на научни дискусии, неговото археолошко и културно значење е неспорно. Што се однесува до набљудувањето на Плејадите и ѕвездата Алдебаран, на третата платформа се поставени маркери преку кои се гледале четири позиции на Алдебаран во периодот од 1900 до 1500 година п.н.е.

Во 2005 година Кокино добива и меѓународна промоција, откако американската вселенска агенција НАСА го вклучила во едукативен материјал посветен на древните астрономски опсерватории и го вклучува Кокино на картата на 15 антички опсерватории заедно со Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија, Ангкор Ват во Камбоџа, Мачу Пикчу во Перу и други. Во 2009 година Македонија го предложила локалитетот за впишување на Листата на светското наследство на УНЕСКО.

Во изминатите две и пол децении, Кокино прерасна во една од најпрепознатливите археолошки и туристички атракции во Македонија, привлекувајќи посетители, научници, археолози и љубители на астрономијата од целиот свет.

Четири милениуми по неговото создавање и четвртина век по неговото археолошко откривање, Кокино останува едно од највредните сведоштва за праисториското минато на Македонија, предмет на научен интерес и културно наследство со кое Кумановскиот регион со право се гордее.

Поврзани вести