Skip to main content

Чеферин: На Омерагиќ нема потреба многу да му објаснувам, остроумен е, го разбира фудбалот и спортско-политичките односи

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, во интервју за Фудбалската федерација на Македонија говори за одличните односи со ФФМ и претседателот Масар Омерагиќ, инвестициите во фудбалската инфраструктура, солидарноста во европскиот фудбал и рамноправната позиција на сите национални федерации во УЕФА.

Чеферин, кој престојуваше во нашата земја на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и го следеше натпреварот меѓу Македонија и Словенија од Лигата на нации, не го криеше задоволството од повторната посета на државата.

Посебен повод за средбата беше и роденденот на претседателите на двете фудбалски федерации, Масар Омерагиќ и Раденко Мијатовиќ.

Првиот човек на европскиот фудбал испрати јасна порака за довербата во раководството на ФФМ, нагласувајќи дека македонскиот фудбал е во добри раце. Тој ја истакна и важноста од трпение и континуирана работа во процесот на создавање конкурентна репрезентација.

– Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство, порача Чеферин.

Претседателот на УЕФА посебно ја потенцираше добрата соработка со Масар Омерагиќ, за кого смета дека е одличен избор за прв човек на македонскиот фудбал.

– Тој е остроумен, го разбира фудбалот, но и спортско-политичките односи. Со него нема потреба многу да се објаснувам. Често сме во контакт, но не трошиме многу време бидејќи се му е јасно. Затоа сум сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце.

Чеферин зборуваше и за инвестициите на УЕФА во инфраструктурата, предизвиците со кои се соочуваат помалите федерации и потребата од поголема поддршка од државните институции и локалните самоуправи.

Поврзани вести