
Пратениците во Унгарија со големо мнозинство изгласаа забрана за култивирано (лабораториски одгледано) месо, и покрај тоа што Европската комисија овој потег го нарече „неоправдан“, а експертите ја доведуваат во прашање неговата законитост.
По речиси две години обиди, унгарската Влада успеа во својата намера да забрани прехранбен производ кој сѐ уште не е ниту пласиран на пазарот.
Во вчерашното гласање, унгарскиот Парламент ја изгласа забраната за производство, дистрибуција и маркетинг на култивирано месо, со 140 гласа за, 10 против и 18 воздржани. Исклучоци од забраната важат само за медицински и ветеринарни цели.
Во образложението за забраната, во предлог-законот се наведува потребата од заштита на „традиционалните рурални начини на живот и човековото здравје“ (како и животната средина), предупредувајќи на „потенцијалните опасности од нетрадиционалните технологии“.
Производството на храна мора да биде поврзано со земјата, бидејќи тоа е основата на нашите традиции и култура, а ако се оддалечиме од тоа, ќе го изгубиме нашиот идентитет, изјави министерот за земјоделство Иштван Наѓ еден ден пред гласањето. – Дистрибуција на месо произведено во лабораториски услови би резултирало со промена на животниот стил што целосно би ја нарушила европската култура, нешто што не можеме да го дозволиме, истакна министерот.
Унгарија е втора европска земја која гласа за забрана на култивирано месо, по Италија во 2023 година. Напорите на Унгарија беа директно отфрлени од другите земји-членки на ЕУ, како и од Европската комисија, која оцени дека забраната би го нарушила слободниот пазар и дека е „непотребна“ и „неоправдана“.
Патот на Унгарија кон забраната започна во јануари 2024 година, кога министерот Наѓ јавно ја нападна индустријата по средбата со Еторе Прандини, претседател на италијанското земјоделско здружение „Колдирети“, еден од најгласните противници на култивираното месо.
Неколку месеци подоцна, премиерот Виктор Орбан се осврна на ова прашање во својот годишен говор, наведувајќи дека ЕУ „зборува глупости“ и „ни подметнува вештачко месо и ГМО производи со слаб квалитет“.
На состанокот на Советот за земјоделство и рибарство на ЕУ во јули, Унгарија го искористи своето претседателство за да повика на напори за „заштита“ на европските кулинарски традиции од новите прехранбени производи како што е култивираното месо.
Ова предизвика дебата низ цела ЕУ, вклучувајќи широко противење од земји како Холандија, Чешка, Литванија и Шведска. Шведска, на пример, посочи дека е „неприфатливо“ потегот да се оправдува со тврдење дека култивираното месо е штетно за здравјето на луѓето, нагласувајќи дека Унгарија не доставила никакви проценки на ризик или доказ дека овие производи може да претставуваат закана.
Една од главните критики е дека унгарската забрана е во спротивност со законот на ЕУ. Унгарија достави нотификација за Информацискиот систем за технички прописи (TRIS) до Европската комисија (процедура насочена кон спречување бариери за слободно движење на стоки меѓу земјите-членки) во која детално објаснува зошто ја забранува оваа индустрија, но нејзиното објаснување беше одбиено од извршното тело и неколку земји-членки.
Нашата земја го испита прашањето за култивирано месо од сите страни и ја подложи регулативата на потребните процедури на ЕУ. Нашата позиција не е променета, дури и по завршувањето на овие процедури, и потребна е најстрога можна регулатива, рече Наѓ.
Вештачкото месо е измислица и ние инсистираме на нашата култура, потенцираше унгарскиот министер.
Во моментов, само две компании поднеле барање за продажба на култивирано месо за исхрана на луѓето во ЕУ. Бидејќи овие производи се оддалечени најмалку една година од излегување на пазарот, Европската комисија смета дека одлуките за забрана како оваа на Унгарија се непотребни.
Забраната е затоа неоправдана, бидејќи може да го прејудицира хармонизираниот процес на одобрување за нова храна на ниво на ЕУ, кој вклучува научна проценка од ЕФСА (Европската агенција за безбедност на храната), соопшти Комисијата минатата година.

Македонски









