
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) ќе спроведе присилно административно уривање на бесправно изграден објект во старото градско јадро на Охрид, откако при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека сопственикот не постапил по претходно донесеното решение за негово отстранување.
Како што информираат од Министерството за транспорт, инспекцискиот надзор бил извршен по пријави добиени од јавноста. Државен инспектор излегол на терен и извршил контрола на објектот лоциран на катастарската парцела 15972, КО Охрид 3, во старото градско јадро.
„При инспекцискиот надзор е констатирано дека, и покрај претходно донесеното решение од страна на ДИГУ за отстранување на објектот, истото не е спроведено. Согласно утврдената состојба, Инспекторатот ќе издаде налог за присилно административно отстранување на објектот во согласност со важечките законски прописи“, соопшти Министерството.
Од Министерството нагласуваат дека остануваат цврсто определени во борбата против бесправната градба и дека законите ќе се применуваат подеднакво за сите, без исклучоци и без селективност.
„Законот за градење важи еднакво за сите и нема да има селективна примена“, потенцираат од Министерството за транспорт.
Во соопштението се додава дека институциите нема да дозволат узурпација на јавниот простор и нелегална градба, истакнувајќи дека акциите против дивоградбите ќе продолжат и во наредниот период.
„Продолжуваме со одлучна и неселективна борба против нелегалните објекти, со цел да воспоставиме ред и да го заштитиме јавниот интерес и јавниот простор“, наведуваат од Министерството.

Македонски



