Skip to main content

РК Охрид утре игра за историја

– Градскиот ракометен клуб – Охрид утре на домашен терен ќе го игра реванш-натпреварот од полуфиналната пресметка против словенечката екипа Целје во рамки на ЕХФ Европскиот куп.

Раководството на ГРК Охрид и играчите оптимисти пред натпреварот, очекуваат со поддршка на публиката во салата да постигнат поволен резултат и историски влез во финалето.

Тренерот на охридските гладијатори, Борис Роевиќ, на денешната прес-конференција рече дека престои навистина тежок натпревар, против една, како што рече, од најталентираните екипи во Европа.

– Целје во своите редови има четири-пет играчи кои веќе имаат понуди од екипи од Шампионската лига…Се работи за навистина извонредна екипа и оттаму тешка задача стои пред нас. Но, сите наши играчи едвај чекаат да истрчаат на терен. Се надеваме дека атмосферата во салата ќе биде одлична, како што беше и во Целје, дека охридската публика ќе покаже дека можат и подобро, рече тој.

Како отежителна околност тој посочи дека не се сите играчи максимално здрави, река има еден од нив со посериозен проблем, но рече дека сите ќе истрчаат на терен и секој од нив ќе придонесе колку може.

– Сигурно сите откако ќе истрчаат на терен на ваков натпревар ќе дадат се од себе. Десеттина играчи играат цела сеозна, тоа сигурно има оставено траги, но ќе стиснеме заби и да ги истуркаме овие преостанати месец дена како што минаа изминатите десет и да се радуваме на уште поголем успех, рече Роевиќ.

Анте Иванковиќ, од своја страна рече дека играчите имале една седмица со само еден натпревар, што било добредојдено, од една страна за малку одмор, а истовремено разработка на тактики за утрешниот реванш против Целје.

– Имавме цела седмица одмор со само еден натпревар. Од една страна одмаравме играчи, истовремено разигрувавме други некои работи што ќе ни користат против Целје. Се надевам дека со поддршка на публиката тука во Охрид, дека ќе дојдеме до резултат што води во финалето, рече Иванковиќ.

И играчите и тренерот Роевиќ им порачаа на охриѓани да дојдат и да ги бодрат од трибините.

– Се работи натпревар за историја, заедно со публиката пишуваме историја. Нека дојдат и нека не бодрат, а ние ние ќе им се одолжиме, ќе се обидеме да го победиме Целје за историски влез во финалето, рече Роевиќ.

Реванш натпреварот од ЕХФ Европскиот Куп помеѓу Охрид и Целје ќе се игра во салата „Билјанини извори“ утревечер со почеток од 18 часот. Билетите за натпреварот беа распродадени уште пред неколку дена така што се очекува одлична атмосфера и поддршка за гладијаторите. Гостите од Целје реваншот влегуваат со минимална предност од еден гол разлика откако на домашен терен славеа со 27:26. 

Поврзани вести