
Јавните настапи на поранешната обвинителка од Специјалното јавно обвинителство, Лејла Кадриу, во кои таа изнесува сериозни сомнежи за законитоста и политичката заднина на одредени постапки на СЈО, отвораат сложена и чувствителна дилема – не само за институцијата, туку и за времето во кое овие сведоштва излегуваат на виделина.
Кадриу зборува за политички влијанија, за одлуки кои, според неа, биле спротивни на законот, како и за постапки што денес ги оценува како институционално проблематични. Но, токму тука се наметнува прашањето кое јавноста тешко може да го заобиколи: зошто сето ова не беше кажано тогаш?
Во еден периодот кога СЈО ги водеше најчувствителните предмети, кога имаше силна меѓународна поддршка и речиси неприкосновен јавен легитимитет, Кадриу беше дел од обвинителскиот тим. Тие постапки имаа реални и тешки последици – притвори, судски процеси, политички потреси и долгорочни јавни етикетирања. Ако, како што денес сугерира, постоеле сериозни сомнежи за законитоста и мотивите зад тие процеси, зошто тие сомнежи не биле артикулирани во моментот кога можеле нешто да променат?
Ова не мора нужно да значи вина или соучесништво. Напротив, се отвораат други, подлабоки прашања:
Дали молкот бил резултат на страв?
Дали постоела свест дека системот е толку затворен што внатрешен отпор би бил залуден?
Дали имало притисоци, закани или јасни сигнали дека „линијата не смее да се премине“?
Дополнително, ако обвинител внатре во системот смета дека одредени постапки се незаконски, но истовремено гледа дека институционалните механизми за корекција не функционираат, тогаш молкот добива поинаква димензија – не како избор, туку како симптом на институционален страв или немоќ.
Изјавите што доаѓаат години подоцна, во период кога СЈО веќе не постои, а најголем дел од предметите се правосилно завршени или длабоко навлезени во судска фаза, ја прават дилемата уште потешка. Дали ваквите сведоштва денес можат да имаат реална правна тежина, или се единствено обид за историска и морална дистанца од процеси кои одамна го добиле својот тек?
Во таа смисла, клучното прашање не е само што вели Кадриу денес, туку што ѝ било возможно да каже тогаш – и зошто тоа не се случило. Одговорот на тоа прашање не ја засега само една поранешна обвинителка, туку целата слика за тоа дали Специјалното јавно обвинителство било независен коректив на системот или уште една институција заробена од страв, притисоци и политички очекувања.
И на крајот – ќе има ли ова скандалозно сведочење влијание врз предметите кои ги отвори СЈО- како за завршените, така и за оние кои беа вратени до почеток и се уште се незавршени. Има ли основа јавното обвинителство по добрен глас да отвори постапка?!

Македонски



