
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Кина ќе купи 200 авиони „Боинг“, при што нарачката би можела да достигне до 750 летала.
Трамп додаде дека авионите ќе бидат опремени со мотори на „Џенерал електрик“.
Доколку бидат финализирани, нарачките ќе ја означат првата голема зделка на „Боинг“ во Кина по речиси една деценија, откако американскиот производител на авиони во голема мера беше истиснат од вториот по големина авијациски пазар во светот во услови на трговски тензии меѓу Пекинг и Вашингтон.
Трамп дополнително изјави дека размислува за укинување на санкциите против кинеските компании кои купуваат иранска нафта и дека набрзо ќе донесе одлука за тоа прашање.
Трамп ја даде изјавата пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ (Air Force One) на враќање кон САД по дводневната државна посета на Кина. Тој исто така изјави дека би прифатил Иран да ја замрзне својата нуклеарна програма на 20 години, но нагласи дека од страна на Техеран мора да постои „вистинска“ посветеност.
Трамп додаде и дека со својот кинески колега Си Џинпинг „многу разговарале за Тајван“.
Претседателот Си и јас многу разговаравме за Тајван. Тој не сака да види војна за независност. Јас не коментирав, само го сослушав“, рече Трамп пред новинарите за време на летот кон САД.
Според Трамп, нема конфликт на оваа тема. Американскиот претседател изјави и дека не преземал никаква обврска во однос на Тајван.
Пекинг го смета островот како дел од својата територија, а САД се најважниот меѓународен партнер на Тајван и покрај тоа што немаат официјални дипломатски односи. Американците се и најголем снабдувач со оружје за островот.

Македонски

