
За каков консензус зборува ВМРО, нив не ги интересираат ниту националните интереси, ниту спроведувањето на реформите, единствен консензус имаат во нивната партија само за крадење пари од тендери, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, во интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Димитријевиќ потсети дека СДСМ во повеќе наврати покажа подготвеност за соработка за прашањата кои се од национален интерес, но дека од страна на власта никогаш немало повратен одговор и искрен пристап за вистински консензус, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Каков консензус за национални прашања и какви реформи? ВМРО не ги интересираат ниту националните интереси, ниту спроведувањето на реформите. Тие во партијата имаат еден единствен консензус, а тоа е дека сите тендери на државата мора да завршуваат кај луѓе кои што се блиски до нив и никаков национален интерес и никаков консензус не гледаат. СДСМ покажала и кога требало носела клучни одлуки во државата и никогаш не го спречувала патот на Македонија напред. Едноставно, со ова ВМРО, на чело со Мицкоски, кој што е претседател на таа криминална здружена група, нема никаков консензус, бидејќи нив не ги интересираат националните прашања и не ги интересираат реформите во државата“, рече Димитријевиќ.
Дека намерите на Владата на ВМРО не се искрени во однос на повикот за консензус е и едностраното укинување на техничката влада, појасни Димитријевиќ, додавајќи дека укинувањето на техничката влада од страна на ВМРО е спротивно на принципите на политички консензус и фер изборен процес. Тој посочи дека техничката влада беше резултат на договор меѓу сите политички партии и меѓународниот фактор, а нејзиното еднострано укинување покажува дека власта нема интерес за демократски процеси.
Техничката влада, за која што требаше да има консензус и да се дискутира, видовме подоцна и нејзино укинување, тие ја укинаа еднострано. Да се потсетам, техничката влада беше производ на консензусот на сите политички партии, заедно со меѓународниот фактор. Сега, посебно во изминативе две години, каде што гледаме како ВМРО става канџи секаде, во сите пори на општеството, апсолутно има потреба од техничка влада. Едностраното укинување на техничката влада апсолутно не наликува на некој кој што сака да има некаков консензус и кој што сака да има фер и демократски избори во државата“, рече Димитријевиќ.

Македонски

