
Вашингтон и Пекинг отворија ново поглавје во трговскиот спор — овојпат на морето. Од 14 октомври двете земји воведоа дополнителни пристанишни такси една за друга, отворајќи нов фронт во економската конфронтација што веќе ги потресува глобалните синџири на снабдување.
Американските власти ја воведоа т.н. „порт-ентри“ такса за бродови кои имаат врска со Кина — било преку сопственост, оператор, знаме или потекло на изградба. Пекинг возврати со „специјална пристанишна давачка“ за бродови со американска поврзаност, применувајќи ги истите критериуми.
Според кинеската регулатива, наплатата се врши при првото влегување на бродот во кинеско пристаниште, со максимум од пет наплати годишно по пловило. Таксата стартува со 400 јуани по нето-тон, а во следните години постепено расте — на 640 јуани во 2026, 880 во 2027 и 1.120 јуани во 2028. Исклучоци се предвидени за бродови произведени во Кина и за празни пловила што пристигнуваат на ремонт.
Од другата страна, американската давачка изнесува околу 50 долари по нето-тон, со слично ограничување на бројот на годишни наплати. Вашингтон ја оправдува мерката со тврдења дека Пекинг користи „нелојални практики“ во секторите за бродоградба, логистика и поморски транспорт.
Во меѓувреме, превозниците и чартер-компаниите ги анализираат своите договори за да утврдат кој ќе ја сноси новата финансиска обврска. Според стандардните клаузули, тоа може да зависи од типот на договорот – дали се работи за „тајм чартер“ или „војаж чартер“. Некои компании веќе ги информираат клиентите и ги приспособуваат своите маршрути за да ги минимизираат новите трошоци.
Пазарните анализи проценуваат дека значителен дел од глобалната флота на танкери и контејнерски бродови би можел да биде опфатен со новите правила, што може да предизвика зголемување на цените на транспортот и осигурувањето, како и доцнења при пристанишни процедури.
Дел од операторите тврдат дека немаат директни американски врски и нема да бидат погодени од кинеската мерка, но експертите предупредуваат дека сложените сопственички структури во поморскиот сектор може да ја отежнат оваа проверка.
Кина го претставува потегот како симетричен одговор на американските ограничувања во бродоградбата и трговијата, додека од Вашингтон пристигнуваат сигнали дека можно е воведување на нови мерки. Така, трговската ескалација меѓу двете најголеми економии на светот влегува во нова фаза — овојпат, преку пристаништата.