Skip to main content

Рубио: Историска шанса за мир меѓу Израел и Либан

Американскиот државен секретар Марко Рубио ги повика Израел и Либан да ја искористат, како што рече, „историската можност за траен мир“, во пресрет на првите директни разговори меѓу двете земји по повеќе децении.

Говорејќи во Стејт департментот во Вашингтон, каде што ги пречека израелскиот и либанскиот амбасадор, Рубио оцени дека моментот е уникатен, иако, како што посочи, процесот ќе биде долг и сложен.

– Ова е историска можност. Свесни сме дека мора да се соочиме со децении историја и сложености што нè доведоа до овој момент – изјави Рубио.

Тој додаде дека целта е конечно да се стави крај на долгогодишното влијание на Хезболах во регионот, нагласувајќи дека започнатите разговори претставуваат само почеток на процес кој ќе трае.

Во меѓувреме, либанскиот претседател Џозеф Аун изрази надеж дека средбата во Вашингтон ќе означи пресвртница за земјата по последните судири меѓу Израел и Хезболах.

– Се надевам дека ова е почеток на крајот на страдањето на либанскиот народ, особено на населението во јужните делови – изјави Аун.

Тој нагласи дека стабилноста на југот не може да се постигне без повлекување на израелските сили од спорните територии, додавајќи дека единствено решение е либанската армија да ја преземе целосната контрола врз безбедноста на границите, во согласност со меѓународно признатите линии.

Поврзани вести