
Лабуристичките пратеници предупредија дека деновите на Кир Стармер како премиер се одбројани поради неговата одлука да го назначи Питер Манделсон за амбасадор во САД и покрај неговото пријателство со сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстин.
Владата на Стармер се наоѓа под огромен притисок поради справувањето со скандалот со Манделсон. Владата беше на работ на пораз во Долниот дом сè до амандманот на средината од дебатата, со кој се принудува објавување на документите за назначувањето на Манделсон и за неговите врски со Епстин. Пратениците велат дека објавувањето на документите би можело да доведе до промена на раководството на партијата.
„Сакаме целиот отров да излезе на виделина“, кажа еден пратеник.
Пратениците велат дека признанието на Стармер дека знаел за пријателството на Манделсон со Епстин кога го назначил за амбасадор беше момент на разјаснување.
„Манделсон ги предаде нашата земја, нашиот парламент и нашата партија. Тој постојано ме лажеше за неговиот однос со Епстин. Жалам што го назначив за амбасадор“, кажа Стармер во парламентот.
Стармер го смени Манделсон од амбасадорската функција во септември минатата година, а тој пред неколку дена поднесе оставка и во парламентот откако беа објавени уште илјадници страници документи за Епстин. Поранешниот амбасадор во Вашингтон се извини за својот однос со Епстин во соопштение испратено до Би-Би-Си минатиот месец.
Јавното згрозување од случајот Епстин во Велика Британија е толку големо што кралот Чарлс му ги одзеде сите кралски титули и почести на својот брат Ендрју и го избрка од замокот Виндзор.

Македонски



