
Амнести Интернешнл побара истрага за можни воени злосторства поради три израелски воздушни напади врз јужен Либан во март годинава, во кои беа убиени 24 цивили, вклучувајќи 12 деца, оценувајќи дека постојат основи за сомневање дека е прекршено меѓународното хуманитарно право.
Според соопштението на организацијата, нападите биле извршени на 6, 12 и 13 март врз станбени згради во областите Тире, Саида и Набати, при што биле убиени 24 цивили, вклучувајќи шест жени, од кои една бремена, како и шест мажи и 12 деца, јави „Ал Џезира“.
Во трите напади биле повредени најмалку 18 други лица.
Амнести Интернешнл наведува дека нејзината истрага покажала дека постојат основи за заклучување дека израелските сили го прекршиле меѓународното хуманитарно право со тоа што гаѓале цивили или цивилни објекти, не правејќи разлика помеѓу воени и цивилни цели или не преземајќи мерки за ограничување на штетата врз цивилното население.
Регионалната директорка на Амнести Интернешнл за Блискиот Исток и Северна Африка, Кристин Бекерле, изјави дека за само седум дена, израелската армија „збришала цели семејства“, вклучувајќи 12 деца, покажувајќи, според неа, целосно непочитување на цивилниот живот.
Уште колку семејства ќе мора да ги извлечат телата на своите деца од урнатините пред да заврши овој разорен циклус на воени злосторства? Меѓународната заедница мора веднаш да дејствува. Државите мора да воведат сеопфатно ембарго за оружје врз Израел и да ја користат универзалната и екстратериторијална јурисдикција за да ги истражат и гонат одговорните“, рече Бекерле.
Амнести Интернешнл, исто така, предупреди дека најновиот договор меѓу Израел и Либан, постигнат со посредство на САД, може да го отежни утврдувањето на одговорноста за извршените злосторства.

Македонски



