
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека САД го спречуваат Израел да ја напаѓа иранската енергетска инфраструктура поради загриженоста за глобалната економија и пазарот на енергенси.
Навистина сакаме да нападнеме ирански енергетски цели, но САД не го одобруваат тоа во овој момент, наведе Кац.
Тој додаде дека Вашингтон се плаши дека таквите напади би можеле да го предизвикаат Иран да возврати врз соседните земји и да предизвика глобална нафтена криза.
Кац потврди дека американските борбени авиони полетуваат од Израел на пат кон цели во Иран.
Иранците ги напаѓаат сите земји во регионот освен една, државата Израел. Тие знаат дека американските борбени авиони полетуваат оттука и дека авионите за полнење гориво полетуваат оттука за да ги извршат нападите, посочи Кац.
Тој повторно предупреди дека Израел силно ќе одговори на секој директен напад,
Ако Израел биде нападнат, ќе возвратиме со цела сила. Иран веќе двапати го нападнавме, подготвени сме тоа да го направиме и третпат, истакна Кац,
Според него Израел и САД имаат различен пристап за понатамошната стратегија кон Иран.
САД во Иран имаат интереси што ги надминуваат израелските. Во моментов не сме сами, САД се со нас. Ќе видиме што ќе направат, дали повторно ќе се вклучат во воената кампања или ќе изберат друг начин на дејствување, потенцира Кац.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера во Белата куќа се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп. Односите помеѓу блиските сојузници Трамп – Нетанјаху изминатиот период се нарушени поради несогласувањата за војната со Иран. Додека Израел се залага за продолжување на воената кампања, Трамп изминатите месеци се залага за дипломатско решение.
Според израелските медиуми, Нетанјаху продолжува да инсистира за соборување на иранското раководство.

Македонски



