
Во текот на 2026 година Грција планира предвремено да отплати 13 милијарди евра од јавниот долг со што, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, земјата го остава зад себе негативниот рекорд на „најзадолжена држава на нашиот континент“, јавува дописничката на МИА од Атина.
Преку објава на Фејсбук, Мицотакис посочи дека Грција континуирано го намалува јавниот долг од минатото побрзо од која било друга европска земја, објаснувајќи дека намалувањето е „национална должност“, бидејќи, како што напиша, кога една цела земја должи, тогаш должат и нејзините граѓани, а долгот се префрла на следните генерации, но сега „овој катастрофален синџир на обврски се прекинува“.
– Знам дека оваа вест можеби нема да добие голем публицитет или нема лесно да биде разбрана. Но, нејзината содржина е непроценлива. Бидејќи значи поголема фискална слобода за државата, но и помали оптоварувања за граѓаните – особено за младите. Токму затоа ограничувањето на долгот беше една од централните обврски што ги презедов и драго ми е што упорните напори на Владата и на сите Грци денес се претвораат во реалност, напиша Мицотакис, додавајќи дека целта била постигната порано од предвиденото.
Објасни дека до 2031 година јавниот долг ќе се намали под 110 отсто, а од 2021 година до денес е намален за една третина.
Нагласи дека станува збор за „национален успех“ и претставува едно од „најзначајните достигнувања на Гркинките и Грците“.
Паралелно објави и график што го прикажува јавниот долг на Грција како процент од БДП во периодот 1980 – 2026 година, на кој се гледа како постепено расте и нагло се зголемува од 2010 кога земјата влезе во економската криза и беше воведен првиот меморандум, а највисок е, над 200 отсто од БДП во 2020 година, за време на пандемијата.
Потоа започнува намалување, а за 2026 година предвидено е ниво од околу 137 проценти од БДП. (МИА)

Македонски


