Skip to main content

Почина исландскиот голман, Ингвар Јонсон

Поранешниот голман на фудбалската репрезентација на Исланд Ингвар Јонсон почина на 37-годишна возраст по борба со ракот, објави Исландската фудбалска асоцијација (КСИ).

На Јонсон му беше дијагностициран рак пред околу шест месеци, само неколку недели откога го одигра својот последен натпревар во кариерата во која играше за исландските клубови Нардвик, Стјорнун и Викинг, како и за норвешките Старт, Санднес Улф и Сандефјорд. Освои пет исландски првенства, како и по три трофеи во Купот и Суперкупот на Исланд.

Јонсон исто така одигра осум натпревари за исландската репрезентација и беше резервен голман на ЕУРО 2016, на кое Исланд ја елиминираше Англија во осминафиналето (2:1), а потоа загуби од Франција во четвртфиналето (2:5).

Со голема тага и длабока жалост објавуваме дека нашиот драг пријател и соиграч Ингвар Јонсон почина во кругот на своите најблиски“, објави неговиот последен клуб, Викингур Рејкјавик.

Сочувство до семејството на Јонсон изрази и Европската фудбалска федерација (УЕФА).

Им изразуваме најдлабоко сочувство на семејството, пријателите и поранешните соиграчи на Ингвар. Нашите мисли се со нив во ова тешко време“, соопшти УЕФА.