Skip to main content

Почнува историското судење против „Мета“ за создавање зависност од социјалните мрежи кај децата

Компанијата „Мета“, сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, се соочува со историска судска тужба во процесот што денеска започнува пред судот во сојузната американска држава Калифорнија, откако адвокатите на двете страни ги соочија аргументите околу клучните сведоци и висината на потенцијалната отштета.

Коалицијата од американски сојузни држави ја поднесе тужбата уште во 2023 година, а четири држави — Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси — беа избрани да ја претставуваат целата група во овој процес. Адвокатите на државите ќе се обидат да докажат дека „Мета“ намерно ги дизајнирала платформите Фејсбук и Инстаграм да предизвикуваат зависност кај децата и младите, со што директно ги прекршила државните и федералните закони.

Компанијата „Мета“, која опслужува повеќе од три милијарди корисници ширум светот, во изминатите денови се обидуваше да го спречи сведочењето на нејзиниот поранешен вработен и експерт Артуро Бехар. Федералната судијка Ивон Гонзалес Роџерс го отфрли ова барање на компанијата, нарекувајќи го очајнички обид на тужителите да им биде одземен клучен сведок. Бехар претходно веќе сведочеше против компанијата на судењето во Ново Мексико, каде што „Мета“ го загуби спорот. Според судските документи, адвокатите планираат да го испрашуваат Бехар за безбедносните практики, растот на компанијата и прашањето дали „Мета“ јавно ги лажирала своите сознанија.

Покрај тоа, „Мета“ побара ограничување и на сведочењето на експертот Колин Греј, кој треба да даде исказ за таканаречените „темни обрасци“ — дигитални функции кои служат за манипулација на корисниците. Меѓу клучните сведоци кои се очекува да дадат исказ е и основачот и главен извршен директор на компанијата, Марк Закерберг. Портпаролот на „Мета“ за АФП изјави дека компанијата „цврсто не се согласува“ со обвиненијата.

На претходното рочиште, адвокатот на сојузните држави прецизираше дека тужителите бараат финансиска отштета од околу 200 милијарди долари, отфрлајќи ги тврдењата на „Мета“ дека бараната казна изнесува над еден трилион долари како обид за создавање шокантна слика во јавноста. Покрај финансиската отштета, државите бараат и задолжителни структурни промени во функционирањето на апликациите.

Минатата недела беа избрани осум членови на советодавната порота, но конечната одлука ќе ја донесе судијката Роџерс. Се очекува процесот да трае шест недели, а пресудата да биде донесена на почетокот на октомври.

Правните експерти го споредуваат овој случај со историскиот процес против тутунската индустрија од 1990-тите години. Професорката по право на Универзитетот Стенфорд, Нора Фримен Енгстром, изјави дека процесот би можел да биде почеток на поширока пресметка со технологијата, каде што клучна улога ќе има утврдувањето на јазот меѓу она што „Мета“ приватно го знаела за штетноста и она што го соопштувала во јавноста. Винсент Џоралемон од Универзитетот Беркли исто така потенцираше дека главното прашање е репутациската штета и принудувањето на компанијата на системски промени.

За споредба, десетици американски сојузни држави ги тужеа четирите најголеми тутунски компании за прикривање на штетните последици, што во 1998 година заврши со историска спогодба во која компаниите досега имаат исплатено над 176 милијарди долари, со обврска за дополнителни девет милијарди долари годишно.(МИА)

Поврзани вести