
Земјите од Западниот Балкан мора да станат дел од Европската Унија, а Брисел има одговорност да им овозможи напредок на оние што ги исполнуваат условите, порача претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, на прес-конференцијата по денешниот самит Брдо-Бриони во Охрид.
„Убедена сум дека нема силна Европа без проширување на Европската Унија, објави 4news.mk А проширувањето на ЕУ, за жал, сè уште е премногу бавно“, рече Пирц Мусар.
Според неа, од кандидатите оправдано се очекуваат реформи, почитување на владеењето на правото и на европските вредности. Но, кога една земја ќе ги исполни условите, и Унијата треба да го исполни својот дел. Пирц Мусар изрази надеж дека можноста за проширување овојпат ќе се искористи и дека пречки нема да поставуваат ниту кандидатите ниту земјите членки.
На прашањето што често го слуша дома – зошто Словенија би поддржала прием на нови членки ако тоа значи дека ќе треба да плаќа повеќе – Пирц Мусар одговара со словенечкото искуство. Кога Словенија влегла во ЕУ, постарите членки уплаќале во европскиот буџет повеќе отколку што добивале, а Словенија добивала повеќе отколку што уплаќала. Кога ќе дојде ред нејзината земја да придонесува повеќе за оние што денес чекаат на членство, рече таа, тоа ќе биде праведно.
Од Охрид предложи и конкретен чекор за вработување на младите. Следната година директорите на јавните служби за вработување од сите земји учеснички да одржат посебна средба и да подготват заеднички план со мерки за подобри можности за работа и за намалување на одливот на кадар. Службите веќе се сретнале за да разговараат за вработувањето на младите, а нивната соработка Пирц Мусар ја издвои како еден од резултатите на процесот Брдо-Бриони.
„Младите не смеат да бидат принудени да бараат иднина на друго место затоа што дома не умееме да им ја обезбедиме“, порача таа, додавајќи дека млади луѓе заминуваат и од Словенија.
Пирц Мусар, која четврти пат учествува на самитот, се согласи со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека ова била најконструктивната средба на која присуствувала. Како особено важно го издвои тоа што лидерите разговарале без навреди и за прашањата за кои имаат различни ставови. Нерешените прашања од минатото, порача таа, не смеат да ја одредуваат иднината на новите генерации.

Македонски



