
Проширувањето на Европската Унија не е само прашање на проширување, туку и безбедносен императив, а напредокот на Црна Гора и Албанија, на патот кон членството е важен и за Македонија, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Во однос на македонскиот евроинтеграциски пат, Сиљановска-Давкова рече дека земјата има сериозен проблем со билатералните прашања, кои, како што нагласи, не се поврзани со копенхашките критериуми и не значат европеизација, туку се спротивни на принципите и вредностите утврдени во европските конститутивни акти.
Таа посочи дека не го смета постепеното членство за замена за полноправното членство, но оцени дека во процесот постојат чекори што се инспиративни.
Говорејќи за значењето на Процесот Брдо-Бриони, претседателката го оцени како една од најдобрите и најинспиративните регионални иницијативи, нагласувајќи ја важноста на меѓусебното слушање, разбирање и поддршка.
– Географијата сакала да живееме едни до други и регионалниот напредок е многу важен не само за регионот, туку и за самата Европска Унија, рече таа.
Како еден од клучните аргументи за проширувањето, Сиљановска-Давкова ја посочи геополитичката положба на регионот и потребата Европската Унија да ја зајакне својата улога на глобалната политичка сцена.
– Проширувањето не е само прашање на проширување, туку е безбедносен императив. Ако Европската Унија сака да биде фактор на глобалната комплицирана политичка сцена, мора да сфати дека треба да биде и геополитичка унија, односно дека без таканаречениот Западен Балкан ќе остави геополитички вакуум, а во политиката никогаш не постои вакуум, нагласи Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова изрази благодарност до Словенија и Хрватска за поддршката на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија, нагласувајќи дека двете земји можеле да понудат само охрабрување, но наместо тоа понудиле заедничко патување и застапување на интересите на регионот.
– Словенија и Хрватска можеа да речат дека стигнале во Брисел и можат да нè охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нè поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова, рече Сиљановска-Давкова.
Таа оцени дека на самитот имало отворена размена на мислења и разбирање и тогаш кога биле изразувани различни ставови.
Одговарајќи на прашањето дали добила јасно ветување од Словенија и Хрватска дека ќе застанат на македонска страна во спорот со Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека не побарала таква директна поддршка, но дека двете земји постојано ја искажуваат својата поддршка за Македонија.
– Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна и во Процесот Брдо-Бриони, ама и денеска, секаде и секогаш тие велат дека стојат зад нас, рече претседателката.
Таа посочи дека принципите содржани во декларацијата усвоена на самитот се однесуваат и на односите со соседите и на билатералните прашања. Додаде дека смета оти меѓу учесниците постои консензус за принципите и вредностите поврзани со проширувањето на ЕУ.
Одговарајќи на прашањето за односите меѓу Македонија и Србија, Сиљановска-Давкова оцени дека тие традиционално се добри и изрази очекување дополнително да се унапредат. Таа рече дека меѓу двете држави нема нерешени проблеми, посочувајќи дека моделот на демократија е внатрешно прашање на секоја земја.
– Традиционално српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас, ниту сме се соочувале со нив. Моделот на демократијата е внатрешно прашање на секоја држава, рече претседателката.
Таа му се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на државата Чупиќ, за присуството на самитот во Охрид, оценувајќи дека со неговото доаѓање е покажано значењето на регионалната соработка.
– Замислете, тој му даде предност на Охрид пред Брисел и дојде во Охрид, бидејќи регионалниот амбиент е многу важен. Ние не можеме да исчекориме кон ЕУ доколку не градиме регионално разбирање, рече Сиљановска-Давкова.
Таа изрази очекување традиционално да продолжат добрите односи и дека по довршувањето на формирањето на државните органи во Србија.

Македонски



